Сириската војска го спаси вториот руски пилот

25.11.2015 12:50

Продолжуваат меѓусебните обвинувања на официјална Москва и Анкара по вчерашниот инцидент на турско- сириската граница, кога беше урнат руски воен авион. Претседателот Путин го квалификува како забивање нож во грбот од Турција. Според информациите еден од пилотите е убиен, а другиот бил спасен и е пренесен во руската база во Сирија...

Еден од двајцата пилоти кои вчера се катапултираа од рускиот Сухој, кој беше нападнат од турскиот Ф-16, е спасен од сириската војска. Операцијата за спасување која траеше цела ноќ, е завршена успешно, изјави рускиот министер за одбрана Шојгу.

„Пилотот е спасен, сега е сместен во нашата база. Тој и тимот кој учествуваше во акцијата за спасување ќе добијат државни награди“, изјави рускиот претседател Путин.

Пилот кој настрада за време на нападот, ќе биде постхумно одликуван со орден на херојство од претседателот Путин. Во меѓувреме продолжува дипломатскиот конфликт на релација Акнара-Москва. Официјална Москва инцидентот го оквалификува како флагрантно кршење на меѓународното право, при што  донесе одлука да прати дополнителна  помош во Сирија. Во областа Латакија тргна носачот „Москва“, а воедно се  распоредува и противоздушен одбрамбен систем С-400 во воената база Хмејмим.

„Руските бомбардери кои изведуваат антитерористички операции во сирија во иднина ќе ги следат ловци. Ве предупредувам дека сите за нас потенцијално опасни цели веднаш ќе бидат уништени“, изјави Рудској.

Турскиот претседател Ердоган смета дека секоја земја има право да си го брани интегритетот.

„Никој не треба да се сомнева дека турција направи се за да го избегне инцидентот, ние не ја сакавме оваа ситуација, но сите мора да го почитуваат правото на турција да ги штити своите граници“, рече турскиот претседател.

Поради сериозноста на состојбата, челниците од целиот свет со апел до двете страни да ја смират состојбата за да не додје до ескалација. Генералниот секретар Бан Ки Мун смета дека се неопходни итни мерки кои ќе ја намалат напнатоста. Германската канцеларка Меркел смета дека инцидентот ќе ја отжни работата во изнаоѓање на политичко решение за кризата во Сирија.

 

Марија Петковска