Не запира мигрантскиот бран, потребна е координација за справување со кризата

25.11.2015 13:07

Досега околу 760 илјади бегалци и мигранти дошле во Европа. Проценките се дека во наредниот период бројот двојно ќе се зголеми...

Заеднички настап, техничка и оперативна координација за справување со мигрантската криза – побара француската амбасадорка во Скопје. Не се очекува да стивне мигрантскиот бран. Оер смета дека е неопходно да се спроведе Европскиот  акционен план за ревизија на контролните и механизмите за прифаќање во зедничкиот европски простор со сите балкански земји опфатени со  мигрантска криза.

„Политиките на европските држави треба да бидат во контекст дека ако постојат политики за примање на мигрантите, треба да постојат политики и за враќање на барателите на азил од економскиот дел, и во тој дел активностите треба да бидат мошне координирани“, смета француската амбасадорка во земјава, Лоренс Оер.

Македонија внимателно ги следи и опсервира миграциските трендови – велат надлежните. Се спроведуваат неопходните мерки и активности. Номинирани се контакт точки за размена на информации и  координација меѓу земјите долж западно-балканската рута, формирани се привремени прифатни центри, зголемени се капацитети во нив.

„Република Македонија е заинтересирана и целосно подготвена за натамошна интензивна меѓународна соработка, и делување во насока на поуспешно справување со овој сериозен миграциски процес“, изјави Анастасија Илиеска, државен секретар во МВР.

Акцискиот план ги третира хуманитарните и безбедносните аспекти, капацитетите за прифаќање, за идентификација, регистрација и  зголемена контрола на границите, со кој се откриваат политчките и економските од оние кои доаѓаат од земјите опфатени од воени дејствија. По случувањата во Париз потребна е и поголема полициска и воена координација за обезбедување на границите по целата мигрантска рута.

 

Наташа Гркова- Петрушевска