Политички и бизнис средби на премиерот Груевски во Суџоу
Со премиерот на Естонија, Тави Роивас, е разговарано за односите меѓу двете земји, за зголемена економска соработка во делот на трговијата и инвестициите, но и за стратешките определби на Македонија за членство во НАТО и во Европската Унија...

Премиерот Никола Груевски го искористи кинескиот самит за повеќе билатерални средби со своите европски колеги. Со премиерот на Естонија, Тави Роивас, е разговарано за односите меѓу двете земји, за зголемена економска соработка во делот на трговијата и инвестициите, но и за стратешките определби на Македонија за членство во НАТО и во Европската Унија.
„Естонија е членка во овие два сојуза, и како таква е секогаш значајно да ги чуе нашите ставови за повеќето работи, за реформите кои ги правиме и предизвиците со кои се соочуваме, со цел да биде повеќе информирана и да помогне во процесот на лобирање“, изјави премиерот Груевски.
Премиерот се сретна и со своите колеги од Словенија, Полска, Чешка, Србија, Бугарија, Црна Гора, Албанија и со претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина.
„Имав можност да разговарам со повеќето премиери присутни на Самитот на различни теми, од една страна поврзани со европските интеграции, од друга страна прашања поврзани со мигрантската криза во Европа, но и за нашите билатерални релации и перспективи со овие држави“, изјави Груевски.
Македонскиот премиер за време на својот престој во НР Кина, на маргините на Самитот оствари и повеќе одделни средби со компании на кои им беа претставени можностите за инвестирање и конкретни проекти кои би можеле да бидат интересни и привлечни за кинеските инвеститори.
