Кинеските компании заинтересирани за инвестиции, се очекуваат нови бизнис - зделки

25.11.2015 14:12

Македонија пред кинеските компании и власти настапува со конкретни проекти кои би можеле да бидат интересни за кинескиот капитал, и тоа во делот на инфраструктурата и енергетиката, земјоделството, туризмот, ИТ- секторот...

Кина планира да влезе со повеќе вложувања во Централна и во Источна Европа. Земјите – учеснички на Самитот се во трка за нов дел од финансискиот колач, вреден милијарди долари. Македонија пред кинеските компании и власти настапува со конкретни проекти кои би можеле да бидат интересни за кинескиот капитал, и тоа во делот на инфраструктурата и енергетиката, земјоделството, туризмот, ИТ- секторот. 

„Се зголемува извозот кон Кина, а се зголемува и бројот на проекти коишто заеднички се завршуваат. Во Македонија највидливи се проектите за двата автопата кои што се градат, едниот во источна и другиот во западна Македонија, но на Самитот македонската делегација настапува и со друг вид на проекти од различни области“, изјави премиерот Никола Груевски.

Лобираат и македонските компании. Кинезите се отворените за нови партнерства, а нашите стопанственици очекуваат разговорите да финишираат со нови бизнис – зделки.

„Се надевам дека македонските компании ќе ги искористат конекциите кои  ги воспоставивме за време на форумот и очекувам да произлезат конкретни проекти за пласирање македонски производи на кинескиот пазар, за трансфер на знаење, размена на искуства и сè она што е потребно за воспоставување поинтензивна соработка со Кина“, вели Данела Арсовска, претседателка на ССК.

Средбите отвораат нови можности, но ја продлабочуваат и веќе воспоставената соработка. Кинеските власти отворено порачуваат дека овој дел на Европа е интересен за нови вложувања.

„Се надевам дека инвестициите на кинеските компании во Централна и во Источна Европа ќе растат најмалку двојно. Вкупниот обрт на кинеските компании во Централна и Источна Европа достигнуваа до 40 проценти од вкупниот обрт на Кина во цела Европа. Овде со нас има големи компании, се надевам дека ќе се постигнат договори за соработка од различен вид“, изјави Ли Кечијанг, премиер на НР Кина.

Шефовите на владите од Централна и од Источна Европа плус Кина од градот Суџоу се префрлија во Пекинг, за продолжување на разговорите за финансирањето крупни инфраструктурни проекти.

 

Мартин Пушевски