Семејно насилство: Годинава убиени четири жени

25.11.2015 15:24

Годишно се пријавуваат околу 900 случаи на семејно насилство. Не ретко врз жените се вршат и убиства од членови на поблиското семејство, сегашни или поранешни партнери. На Меѓународниот ден против насилството врз жените, невладините организации побараа достапност на услугите од специјализираните сервиси...

Четири убиени жени и околу 900 пријави за семејно насилство е годинашниот биланс. И 2015-та, како и во изминатите години, најголем проценти од жртвите се жени. Најголем број од поплаките се за физичко малтретирање, потоа за психичко, но има и од економски причини.

„Во 2014-та имавме уште едно трократно убиство. За една година имаме вкупно седум убиени жртви на семејно насилство. Бројот на обидите за убиство е уште поголем. Сите овие убиства се извршени од членови на поблиското семејство, најчесто сегашни или бивши партнери“, изјави Елена Димушевска, претседател на Националната мрежа против насилството врз жените.

Податоците покажуваат дека жените се решаваат да го напуштат сопругот дури кога ќе сфатат дека животот им е во опасност. Малтретирање трпат со години, најчесто поради децата, но егзистенцијата и што ќе кажат другите се чести причини поради која жената останува во брак со насилникот.

„Немањето пристап до услуги или сервиси за поддшка, ги споменуваме жените од руралните средини, жените со попреченост, кои сами по себе се ранлива категорија и се подложни на овој вид насилство“, вели Санела Шкриељ, Национална мрежа против насилство врз жените.

Од сите пријавени случаи само 2 процента на суд се решени како семејно насилство, повеќето одат по спогодбен пат. Во Скопје, Битола, Кочани и Свети Николе има регионални центри за згрижување на жртви на семејно насилство. Таму жртвите освен засолниште добиваат и социјална и здравствена помош.

 

Наташа Јанчиќ