Естонија ги поддржува стратешките интереси на Македонија

25.11.2015 17:00

Естонија ги поддржува стратешките интереси на Македонија поврзани со европските и евроатлантските интеграции - премиерот Груевски во Кина се сретна со неговиот естонски колега. Се бара поле за засилување на економската соработка и за странски инвестиции...

Искористување на потенцијалот за економска соработка, динамизирање на трговската размена и соработка на полето на инвестициите. Ова го констатирале премиерот Груевски и неговиот естонски колега, Тави Роивас на билатералната средба на самитот на земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина, што се одржува во кинескиот град Суџоу. Груевски по состанокот изјави дека Република Естонија е земја пријател која ги поддржува стратешките интереси поврзани со европските и евроатлантските интеграции на нашата земја.

„Естонија е членка во овие два сојуза, и како таква е секогаш значајно да ги чуе нашите ставови за повеќето работи, за реформите кои ги правиме и предизвиците со кои се соочуваме, со цел да биде повеќе информирана и да помогне во процесот на лобирање“, изјави премиерот Груевски.

На тема евроинтеграции и мигрантска криза премиерот Груевски неформално разговарал со повеќето шефови на влади присутни на самитот, меѓу кои со премиерите на Словенија, Чешка, на Србија, Бугарија, Црена Гора и Албанија.

 

Катерина Топалова