Нови Шенген правила до крајот на март 2016-та
Тероризмот ја разбуди Европа која воведува нови правила на гранична контрола. Спасот на Шенгенот е императив, но безбедноста е повторно на врвот на агендата. Како што беше и денеска во Европскиот парламент во Брисел кадешто се претстави новата стратегија на европската заштита од екстремизмот.

Кревката безбедност на европските патни документи е приоритетната дилема поставена пред политичарите и парламентарците. Терористите во Париз, а претходно и во Копенхаген поседувале европски патни исправи. Затоа и неформалната влада на Унијата до крајот на годинава ќе донесе нова директива за борба против тероризмот. Новите Шенген правила ќе стапат во сила до крајот на март 2016-та.
„Ќе се воведат регистрација и отпечатоци на прсти на државјаните кои бараат да влезат во Шенген територијата. Исто така, ќе се контролираат и границите на земјите членки, а ќе има сили за брза интервенција и полициски контроли. Сите податоци за повратници од боиштата како потенцијални терористи ќе се слеваат во посебна база на податоци. На 1-ви јануари треба да стапи во сила и новата Европол регулатива за остварување на мерките на следење“, вели Никола Шмит.
Последните податоци на разузнавачката заедница покажуваат, носечкиот столб за финансирање на терористите е трговијата со луѓе, што соодвествува на актуелната миграција. Затоа, следењето на патот на парите ќе биде во надлежност на новата европска финансиска единица.
„Во декември комисијата ќе предложи нов закон за европски единици на стражари, како и за крајбрежна стража, тоа е најдобар начин на заштита на нашите надворешни граници“, изјави првиот човек на еврокомисијата, Жан Клод-Јункер.
Париз, Тунис, Бамако, па повторно Тунис и Брисел, тоа се последиците на тероризмот што не познава граници. Европа со новото законодавство ја почнува битката.
„Ова ќе биде долга битка. Ќе мора да ја водиме со почитување на нашите демократски вредности“, вели претседателот на ЕП, Мартин Шулц.
А, тие на стариот континент се засноваат врз начелата на солидарност и на хуманост, произлезени од договорите во Маастрихт, Копенхаген и Лисабон.
„Затоа, да се потсетиме на зборовите на Лионел Хери кој ја загуби сопругата во терористичкиот напад во Батаклан: нема да ве удостојам со подарокот наречен омраза“, вели европарламентарец.
По 30 години откако е потпишан, токму во истоименото луксембуршко гратче, Шенгенскиот договор за првпат претрпува вакви драстични и изнудени измени.
Зоран Богатинов
