Преживеаниот руски пилот сведочи: Немаше упад во воздушниот простор на Турција

25.11.2015 17:13

„Немаше упад во воздушниот простор на Турција“- сведочи преживеаниот руски пилот кој се катапултираше од рускиот бомбардер во кој стрелаа турските авиони. Официјална Анкара не отстапува и тврди дека авионот на Русија летал. Додека трае дебатата- кој реагирал правилно, Москва врши напади во Латакија, сириска провиниција во која живее туркменистанско население, група народ со турско потекло...

Посведочи спасениот пилот на рускиот Су-24 што Турција го собори близу до сириската граница. Немало упад во турскиот воздушен простор и не добил визуелно ниту радио предупредување пред да биде пукано во него.

„Лично го контролирав летот пред да експлодира ракетата. Гледав и каде сме и каде е границата. Немаше ризик да влеземе во турски воздушен простор. Немаше ниту радио ниту визуелно предупредување, немаше никаков контакт“, вели Константин Мурактин, пилот.

Копилотот кој беше повреден при катапултирањето загина во рацете на џихадистите, како и уште еден маринец, кога спасувачки хеликоптер се најде под екстремистички оган и мораше да слета принудно.

„Тој и спасувачкиот тим ќе добијат државни одликувања. Копилотот постхумно ќе биде одликуван со медал Херој на Русија“, рече Владимир Путин, претседател на Русија.

Инцидентот е еден од најсериозните јавно признаени судири меѓу членка на НАТО и Русија за половина век и дополнително ги усложнува меѓународните напори во борбата против џихадистите во Сирија. Шефот на турската дипломатија Чавушоглу побара средба, но неговиот руски колега Лавров одби. Иако Москва ги прекина воените контакти со Анкара, експертите оценуваат дека сепак го одмерува одговорот и нема сигнали дека сака воена ескалација.

„Турција мора да разбере дека напад како вчерашниот е недозволив. Турскиот министер за надворешни изрази жалење, но за време на целиот разговор целта му беше да ја оправда турската позиција“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

„Немаме намера да ги ескалираме тензиите со Руската Федерација. Русија ни е пријател и сосед. Односите меѓу силни земји не смее да се жртвуваат поради грешки во комуникацијата“, изјави Ахмед Давутоглу, премиер на Турција.

Во меѓувреме, Русија не чекаше со одмаздата - новата цел на руските бомбардери е северната сириска провинција Латакија, над којашто Турција го собори рускиот Су-24. Кон Латакија патува и носачот на авиони „Москва“, а се распоредува и противвоздушен одбранбен систем С-400 во воената база Хмејмим, како дополнителна помош во Сирија. Во Москва, турската амбасада беше гаѓана со јајца и домати, а демонстрантите бараа одмазда против Анкара. Поради сериозноста на ситуацијата, меѓународната заедница апелираше до двете страни да не дозволат ескалација.

 

Ивана Салтировска