„Црн петок“: Американците ќе потрошат 80 милијарди долари
Овој петок почнува најголемата распродажба во САД, што традиционално е непосредно пред Божиќните празници. Секоја година се намалува продажбата во продавниците, а расте продажбата преку интернет. Оваа година се очекува да има околу 300 милиони купувачи коишто ќе потрошат 80 милијарди долари.

Сѐ помалку Американци купуваат на распродажбата пред Божиќ, што почнува еден ден по празникот Ден на благодарноста и е попозната како „Црн петок“. Наместо одење во продавници, поголем број потрошувачи купуваат преку интернет од удобноста на своите домови. Една од причините зошто се зголемува продажбата он лајн е и фактот што компаниите нудат попусти уште пред распродажбата Црн петок и бесплатна достава.
„Обично купувам преку интернет, но на Црн петок во продавници.“
„Купувам он- лајн зошто е полесно и не морам да ја напуштам куќата.“
„Најчесто купувам преку интернет, но обично не правам шопинг за Црн петок. Не е мој стил, купувам работи кога ми се потребни, а не зошто се на распродажба.“
Оние коишто се одлучуваат да одат во продавниците, тоа го прават поради попустите што се нудат тој ден само во продажните места. Најчесто на ваков начин поисплатливо е да се купи мебел, апарати за домаќинството, телевизори, компјутери и мобилни телефони.
„Очекуваме распродажбата да биде поголема за 4,2 проценти во третиот квартал, а лани истата беше 5,3 отсто, а година пред тоа распродажбата беше уште поголема“, изјави менаџер во продавница.
Продавниците се напреваруваат кој ќе отвори порано на денот на најголемата распродажба во САД, па наместо навечер, сега некои големи синџири продавници отвораат од попладне со цел да привлечат што е можно повеќе купувачи. Сепак, на компаниите им е јасно дека ја губат трката со технологијата, бидејќи помладите Американци не сакаат да одат во шопинг туку да купуваат преку интернет сајтови.
Оваа година, околу 300 милиони купувачи во Америка се очекува да потрошат 80 милијарди долари за време на распродажбата „Црн петок“.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
