Груевски- Кечијанг: Конкретни проекти за соработка во енергетиката и градежништвото
Во Пекинг средба на премиерот Груевски со неговиот кинески колега Ли Кечијанг. Во фокусот на разговорите, конкретни проекти за соработка во енергетиката и градежништвото. Македонија очекува Кина да продолжи финансиски да ја поддржува реализацијата на инфраструктурните проекти. Владината делегација во посета и на „Хуавеи“, водечки бренд во телекомуникацискиот сектор...

На средбата меѓу премиерите на Народна Република Кина и на Република Македонија, Кечијанг и Груевски, потврдени одличните политички и економски односи меѓу двете земји. Од македонска страна предложени неколку проекти од енергетиката и градежништвото. Државава очекува Кина да продолжи финансиски да ја поддржува реализацијата на инфраструктурните проекти.
„Предадовме шест конкретни проекти, ставени на хартија, со добра анализа со сите најпотребни информации, со цел тие да ги изанализираат пред да не контактираат повратно. Ги реафирмиравме нашите заложби за понатамошна одлична соработка на сите полиња, така што можам да кажам дека средбата беше успешна и значајна за нас. Може од оваа средба да излезат многу нови соработки, многу нови проекти. Ние ќе продолжиме со нив да комуницираме за сите овие проекти и идеи кои можат да бидат добри за продлабочување на нашата економска соработка со Народна Република Кина“, изјави премиерот Никола Груевски.
Во Пекинг, Груевски присуствуваше и на приемот од кинескиот претседател Џинпинг, за учесниците на економско-трговскиот форум. Во рамките на посетата на Народна Република Кина, македонскиот премиер оствари и средби со менаџментите на повеќе компании. Една од нив е глобалната компанија за информатичка комуникациска технологија „Хуавеи“. Таа е водечки бренд нa телекомуникацискиот пазар, производите од информатичкото општество и панирање, рангирана во 500-те најголеми компании во светот.
Генералните менаџери Џим Лу и Џорџ Жанг, Груевски ги запознал со условите за водење бизнис во Македонија, поволниот даночен пакет со кој располага земјата и отвореноста за привлекување нови инвестиции. Истовремено ја истакнал и заложбата на владата за инвестиции во образованието, за што секоја година се одвојуваат 5 проценти од вкупниот буџет. Груевски информирал дека е отворен нoв универзитет за информатички технологии, а постојано се прават и реформи за развој на информатичкото општество.
Менаџментот на „Хуавеи“ истакнал дека посетата на македонската делегација е добра можност изворно да се запознаат со бизнис-можностите и потенцијалите кои стојат на располагање, но и дека тоа е доказ за посветеноста на владата, одличниот третман кон инвеститорите и отвореноста за бизнис соработка.
„Хуавеи“ планира проширување на нови пазари и детално ќе ги разгледа условите и можностите кои им стојат на располагање. Веќе има своја канцеларија за врски во Скопје.
Милчо Велески
