Министерот Цветков очекува целосно искористување на ИПАРД 2 програмата

26.11.2015 13:42

ИПАРД 2 Програмата од која Македонија може да повлече вкупно 60 милиони евра треба да стартува до средината на 2016 година, веднаш по реализацијата на ИПАРД 1...

Во Македонија- сѐ поголем интересот за средства за аграрот од ИПАРД програмата. ИПАРД 2 Програмата од која Македонија може да повлече вкупно 60 милиони евра треба да стартува до средината на 2016 година, веднаш по реализацијата на ИПАРД 1. За максимално искористување на одобрените средства, преземени се сите неопходни мерки, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.

ИПАРД 1 завршува со последните два огласа објавени во мај и септември годинава на кои се поднесени проекти вредни 17 милиони евра. Проектите се генерално од преработувачката индустрија, за отворање откупно-дистрибутвини центри. Апликациите се разгледуваат и веројатно, според Цветков, повеќето ќе бидат одобрени.

Министерството за земјоделство ги презема сите потребни мерки за поефикасно искористување на ИПАРД 2 поради што очекуваме нејзино целосно реализирање, а резултатите веќе излегуваат на површина, напомена Цветков на прес-конференција по форумот за агробизнисот и унапредувањето на конкурентноста во прехранбениот сектор.

Осумнаесет земји од Централно- европската иницијатива се заложија за потесна соработка во земјоделството. Станува збор за пазар од 250 милиони жители.