Царина: 2,7 килограми златен накит и монети откриени во турски автобус
Македонски државјанин од Тетово кој во автобусот вршел должност на водич, изјавил дека златото е негово. Случајот е предаден на Одделението за истраги кои во моментов вршат распит...

При контрола на турски автобус извршена во близина на наплатната станица кај Велес, мобилен царински тим откри бункер полн со златен накит и монети. Утрово за рутинска контрола на патниот превец Велес – Скопје, мобилен царински тим сопре автобус со турски регистарски ознаки кој сообраќал на редовна линија Истанбул – Гостивар. Претходно автобусот влегол во државата од Грција преку граничниот премин Богородица.
Заради немање соодветни услови за спроведување на детален преглед, автобусот со царинска придружба е пренапатен во царинската испостава Скопје 4 кадешто е извршено детално пребарување. Притоа, во багажниот простор на автобусот, во средината помеѓу предните тркала е откриен специјално изработен бункер за криумчарење стока од каде се извадени 20 опаковки – најлонски кеси обвиткани со селотејп трака. Во нив се најдени 463 парчиња златен накит (алки, привезоци, ланчиња), 265 пара златни обетки и 40 златни монети. Вкупната тежина на пронајденото злато е 2,7 килограми.
Македонски државјанин од Тетово кој во автобусот вршел должност на водич, изјавил дека златото е негово. Случајот е предаден на Одделението за истраги кои во моментов вршат распит.
Против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење” до надлежното јавно обвинителство.
Ова е втор спречен обид за шверц на злато овој месец. На сличен начин, на 18 ноември, во турски автобус беа пронајдени 1,5 килограми злато.
