Конкурс за стипендии за студии на 100-те најдобри универзитети

26.11.2015 14:56

Заменик-министерот Спиро Ристовски апелираше сите заинтересирани кои планираат да се запишат на некој од топ 100-те универзитети во светот да ги подготват документите и да аплицираат...

Стипендии за студентите кои ќе се запишат на некој од 100- те најдобри универзитети во светот. Државата ќе покрива најмногу до 40.000 долари на годишно ниво, месечен паричен надомест и трошоците за превоз.

Заменик-министерот Спиро Ристовски апелираше сите заинтересирани кои планираат да се запишат на некој од топ 100-те универзитети во светот да ги подготват документите и да аплицираат за стипендија што ја обезбедува Владата на РМ.  Услов е да биде примен на Универзитетот во странство и потврдата за тоа да ја приложи во МОН.

Оваа година неколку месеци е порано Конкурсот за студентите да имаат време да се подготват, да размислат, да аплицираат. Со ова како Влада покажуваме исклучителна решителност за овој проект. Република Македонија е единствена земја од регионот што го реализира проектот. Ова за нас е крупна инвестиција со оглед дека студентите потоа имаат обврска да се вратат и таа своја капитална образовна инвестиција да ја дадат на располагање на Република Македонија, изјави Ристовски.

Ова е петта година откако МОН го објавува Конкурсот и досега можноста ја искористиле околу 150 македонски граѓани.