Кинески компании заинтересирани за инвестиции во Македонија

26.11.2015 15:53

Кинески компании се заинтересирани за бизнис во Македонија. На бизнис- форумот во Пекинг, менаџери од најмоќната светска економија слушнаа за потенцијалите и условите за вложување во земјава. Организирани и директни средби за нови бизнис зделки...

Пред 150 кинески компании од градежништвото, металската и прехранбената индустрија, енергетиката, високата технологија, во Пекинг беа презентирани можностите за инвестирање во земјава. Владиниот економски тим предводен од премиерот Груевски имаше и директни средби со петнаесеттина кинески компании  кои пројавиле интерес за соработка или пак инвестирање во земјава. Дел од нив веќе ја посетиле Македонија.

„Пред само две недели бев во Скопје и имав навистина импресивно патување во земјата. Таму бевме поради два проекта. Едниот беше за Еуромакс- рудникот за бакар и злато, а за вториот имавме средба со министерот за економија за проект за хидроцентрала. Она што веднаш го забележавме е дека Македонија има една од најдобрите клими за инвеститорите и за водење бизнис. Верувам дека заедно со нашиот партнер Еуромакс и со македонската Влада ќе развиеме доста успешен бизнис“, изјави кинескиот бизнисмен, Ван Јанг.

„Навистина сме воодушевени и изненадени од политиката за инвестирање, од добрите услови во Македонија. Имаме план во иднина да го продолжиме производството во Европа. Полска е нашата прва станица во Европа. Размислуваме Македонија да биде потенцијалната втора станица и да почнеме со инвестиции за целиот Источно- европски пазар, па дури и за глобалниот пазар“, вели бизнисменот Квијан Фу.

Вицепремиерот Пешевски ги презентира можностите за вложување што ги нудат технолошките развојни зони во земјава, нагласувајќи дека сега е вистински момент да се влезе на огромниот кинески пазар. 

„АХВ потпиша и еден протокол со соодветните служби на НР Кина за извоз на замрзнато јагнешто месо од Република Македонија, со што се зголемуваат можностите за оваа соработка и пронатаму. Ова е дел од пошироката палета на активности за интензивирање на извозните и трговските активности“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Не случајно Македонија е рангирана на 12-тата позиција во извештајот на светска банка „Дуинг бизнис“ и тоа е резултат на многубројните реформи и тесната соработка со домашните и странските инвеститори, рече премиерот Груевски пред кинеските бизнисмени.

„Кога во 2006-та формиравме влада нашата земја беше рангирана на 94–то место.  Правејќи многубројни реформи низ повеќе чекори, работејќи напорно дојдовме до 12-тата позиција во светот според добрата бизнис клима“, рече премиерот Груевски.

Една од карактеристиките на македонската економија се најниските трошоци за водење бизнис во Европа, рече Груевски, со појаснување дека Македонија има  најниска ефективна даночна стапка во светот од само 7,4%.

 

Свето Николовски