Заврши драмата во „11 Октомври“, Лазаревски е официјален директор
Заврши драмата во ОУ „11 Октомври“ во скопската општина Центар. Легитимен е потписот на Васко Лазаревски, додека досегашната директорка Даниела Костадиновска се враќа во ОУ „Рајко Жинзифов“ од каде што претходно дошла на функцијата директор во „11- Октомври“. Прекинат е штрајкот што изутрината почна во улилиштето, а како што информираше Лазаревски бил поради неисплатена октомвриска плата...

По неколку часовниот прекин, наставниците од основното „11 Октомври“ се вратија во училниците. Револтирани затоа што им доцнела октомвриската плата и поради вмешувањето на политиката во училиштето, се заканија дека ќе штрајкуваат. Се жалат дека директорувањето на двајцата директори направило хаос во училиштето.
„Проблемот се провлекува веќе година и половина. Отпочна од минатата година со повеќе разрешувањана еден, друг, трет директор, назначување на повеќе во исто време, давање на повеќе решенија. Мислам дека тука треба да се праша градоначалникот на Општина Центар или неговите службеници коишто ги изготвуваат тие решенија за краток период назначување на повеќе личности“, вели Јасмина Апостолова, наставник по природни науки.
„Од СОНК добивме писмено известување дека градоначалникот Жерновски е должен да го реши овој проблем, што во моментов се создаваат услови за да се земе плата. До овој момент немаме земено плата. Овој проблем треба да се реши за сите училишта во општина центар“, изјави Билјана Лалчевска- Серафимовска, одделенски наставник.
Во меѓувреме е договорено, утре на сметките на вработените да легне октомвриската платата.
Заврши драмата во основното училиште „11 Октомври“. Од денеска Васко Лазаревски е директор на ова училиште. Директорот Лазаревски рече дека задоценатата плата ќе биде исплатена што е можно поскоро, откако неговиот потпис е официјализиран во Централниот регистар како валиден директор на училиштето.
„Платните списоци Општина Центар вчера ги достави на 7- те училишта во Министерството за финансии, понатаму Министерството за финансии врши трансферирање на блок локацијата и веќе утре во попладневните часови сите наставници на Општина Центар ќе ги добијат своите примања“, вели Лазаревски.
Од Општина Центар велат дека го разбираат незадоволството, тврдат дека документите ги испратиле до Министерството за образование, и според нив некој посакува во ова училиште да има штрајк. Проблемите во училиштето настанаа откако градоначалниот Жерновски ја разреши претходната директорка, но по поднесената жалба до Централниот Регистар беше вратена на функцијата. За жал овој случај во кој политиката се вмеша во образованието, се скрши на грбот на децата.
Ана Јосифоска- Тодоровска
