Русија не дозволи влез за турски туристи

27.11.2015 10:23

Русија почна со ригорозна контрола на увозот од Турција и ги врати првите турски камиони, воедно не им дозволи на турски туристи да влезат во земјата. Продолжуваат обвинувањата на релација Анкара-Москва, но и обидите преку дипломатски канали да се најде прифатлив излез од непријатната ситуација...

Турција ќе соработува со Русија и со сојузниците за намалување на тензијата по инцидентот со рускиот Сухој на турско- сириската граница, изјави турскиот премиер Давутоглу. Во меѓувреме рускиот претседател Путин по средбата со францускиот претседател Оланд, со кој договори заеднички координирани напади на Исламска држава во Сирија, ги критикуваше Соединетите Американски Држави дека не ја спречиле Турција да го нападне рускиот Сухој и почна со санкции за официјална Анкара.

На границата не им бил дозволен влез на турски камиони со роба, воедно биле вратени и туристи кои сакале да ја посетат земјата. Британскиот премиер Камерон пред парламентот го презентираше планот и потребата Британија да се вклучи во нападите на Исламска држава. Додека германија и понуди воена помош на Франција во борбата против џихадистите.

Исламска држава е терористичка група. Таа е многу опасна и постојат големи ризици во операциите кои се извруваат против нив. Но, воздушните напади се многу корисни“, вели Урсула Лејен, германски министер за одбрана.

Во Латакија веќе е стациониран рускиот воен брод „Москва“, кој покрај ракети има и антиракетен и антиподморнички систем, што треба да ја гарантира безбедноста на руската војска.

Во меѓувреме двајца турски новинари се обвинети за шпионажа и дека се поврзани со движењето на Фетулах Гулен, бидејќи во дневен весник откриле докази дека Турција  праќа оружје за Исламска држава.

Новинарите ги отфрлаат обвинувањата, но доколу на судењето бидат прогласени за виновни ќе се соочат со доживотна казна затвор. Како доказ, медиумските работници имаат видео во кое се гледа како цариниците на турската граница го запираат камионот каде наместо хуманитарна помош е спакувано оружје.

 

Марија Петковска