Анкета на ИРИ: Институцијата Претседател со најголема доверба од страна на граѓаните
Институцијата Претседател, според анкетата на ИРИ, котира на врвот и по степенот на доверба од страна на граѓаните. На прашањето до кој степен им верувате на институциите во однос на нивните активности во изминативе 12 месеци, 38 отсто од испитаниците се изјасниле дека му веруваат на Претседателот на државата...

Во најновата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) испитаниците оцениле дека институцијата Претседател на републиката е најчесна и ја рангираат како последна на скалата за корумпираност.
На прашањето, до кој степен сметате дека постои корупција во наведените институции, најголем дел од испитаниците ја оцениле институцијата Претседател како некорумпирана. По претседателот, според граѓаните, најмалку корумпиран е граѓанскиот сектор, потоа следи Собранието и Катастарот за недвижнини. Најкорумпирани, според анкетираните граѓани се судовите, а потоа следат здравствените институции, царината, образовните институции и медиумите.
Институцијата Претседател, според анкетата на ИРИ, котира на врвот и по степенот на доверба од страна на граѓаните. На прашањето до кој степен им верувате на институциите во однос на нивните активности во изминативе 12 месеци, 38 отсто од испитаниците се изјасниле дека му веруваат на Претседателот на државата.
Поддршка од граѓаните, со доверба од 32 отсто ужива Владата, потоа следи Катастарот за недвижнини со доверба од 29 отсто, па Јавната администрација на која и веруваат 26 отсто од испитаниците. Најмалку доверба од граѓаните, 15 отсто односно 14 отсто, имаат политичките партии, односно синдикатите.
Анкетата на ИРИ е спроведена во периодот од 29-ти Септември до 5-ти Октомври годинава, на репрезентативен примерок од 1.106 испитаници.
