Средба Попоски- Могерини во Брисел
Како што соопшти МНР, на состанокот било разговарано за перспективите во евроинтегративниот процес на земјава, во светлина на неодамна објавениот извештај на Европската Комисија, како и за актуелните случувања околу мигрантско- бегалската криза...

Шефот на дипломатијата Никола Попоски денеска во Брисел имаше работна средба со високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Федерика Могерини.
Како што соопшти МНР, на состанокот било разговарано за перспективите во евроинтегративниот процес на земјава, во светлина на неодамна објавениот извештај на Европската Комисија.
Министерот Попоски ја поздравил продолжената препорака за донесување одлука за почеток на пристапните преговори и ја реафирмирал посветеноста на владата за спроведување на преостанатите обврски од политичкиот договор и реформските приоритети во клучните области, истакнувајќи го очекувањето дека остварените резултати во овој домен мора да бидат пресудни за конечно донесување на одлуката за отворање на пристапните преговори.
На средбата било разговарано и за актуелните случувања околу мигрантско- бегалската криза.
„Македонија ќе помогне во справувањето со бегалскиот бран, но проблем е што во моментот никој во Европа нема подготвеност отворено да каже која е политиката“, нагласил министерот за надворешни работи Попоски по средбата со Могерини.
