Јубилеј: 65 години постоење на Турскиот театар

27.11.2015 15:48

65 години од постоењето на Турскиот театар во Скопје. По тој повод членовите на ансамблот и директорот имаа средба со министерката за култура Елизабета Канческа¬ Милевска. Задоволни од соработката и доделија на министерката плакета на благодарност. Крајот на декември ќе биде промовирана луксузна монографија за сето она што турскиот театар го има направено во делот на клутурата и уметноста. А наскоро ќе добие и нов објект...

Формиран 1950-та година, прва премиера „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ.   Голем број претстави и премиери сведочат за неговата големина. Јубилејот на Турскиот театар ќе биде заокружен со премиерата на претставата „Генерална проба за самоубиство“ од Душан Ковачевиќ на 22-ри декември. До крајот на годинава ќе биде промовирана и монографија, која ќе раскаже за шест и пол  деценискиот развој.

„Културата порано беше оставена во заден план. Во последните години тоа не е случај. Мене ми е особено драго што се прават напори да се помогне, не само на Турскиот театар, туку општо на театарот во Македонија, во инфраструктурата и во сите други области“, изјави Салаетин Билал.

Сега во Турскиот театар има 33 вработени од кои 19 се актери, но годинава екипирањето продолжило со уште 15 нови вработувања.

„Ова е значителен број, така што Турскиот театар многу безболно го помина тој преоден период на генерациска смена. Со пензионирањето на нашите актери, веднаш се вклопија млади актери кои дипломираа на Факултетот за драмски уметности. Имаме ансамбл кој од година на година прераснува во голем и извонреден“, вели директорот на театарот, Атила Клинче.

Јубилејот не обврзува да продолжиме  да вложуваме, да ги подобруваме условите, да го оствариме сонот на актерите од сите генерации – рече министерката за култура.

„И во иднина ќе се поддржува работата на овој театар кој е единствениот на Балканот и во Европа кој повеќе од половина век дејствува надвор од границите на матичната држава“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.

Турскиот театар до неодамна ја делеше сцената со Албанскиот театар во заедничка зграда, која по темелната реконструкција ќе остане само на Албанскиот театар. Новиот Турски театар, пак, се гради во близина до Железничката станица. Додека траат градежните работи, ансамблите своите претстави ги изведуваат во театар „Комедија“. Турскиот театар пред четири години доби и Орден за заслуги за Македонија од претседателот Иванов.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска