Анкетната комисија заглавена во деловникот

27.11.2015 15:55

Повторно одложена расправата за деловникот за работа на Анкетната комисија за прислушувањето. Според претседателот на комисијата Шилегов,координациите даваат резултат. Има напредок во усогласувањето на ставовите,но и натаму двојниот, решавачки глас на претседателот на комисијата е камен на сопнување меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Новото продолжение е закажано за в понеделник.

Дали претседателот на Анкетната комисија за прислушувањето има право на двоен, решавачки глас доколку некоја предлог-одлука добие еднаков број гласови за и против. За ова и натаму спротивни ставови меѓу членовите на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Копјата се кршат и околу предлозите за директен пренос на седниците на Собранискиот канал, времетраењето и начинот на испрашување на  сведоците. Медијаторот Ванхауте, кој беше повикан  да го олесни донесувањето на деловникот, не дојде во Собранието. Шилегов тоа го објасни со фактот дека има напредок на координациите.

„Јас како претседател ќе продолжам со тие напори. Г-дин Ванхојте не е присутен баш поради тоа што успеавме да постигнеме определен напредок за пашањата кои што се отворени. Искрено се надевам дека до понеделник ќе успееме да го усогласиме“, изјави Петре Шилегов, претседател на Анкетната комисија.

Во европските парламенти и во комисиите, одлуките се носат со мнозинство од гласовите.Таков е и примерот со деловникот на словачкиот парламент, рече Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Додаде дека комисијата и Собранието не треба да се девалвираат, а за носењето одлуки не се потребни странци.

„Ако вие како СДСМ имате потреба од уште еден глас, или од еден советник, ако не ви е доволна стручната служба на Собранието, нашите правници, ако не ви се доволно јасни одредбите и начинот на одлучување и функционирање на Собранието, може да повикате кого сакате, но одлуките за оваа комисија, ќе ги донесуваат членовите на оваа комисија, без да дозволиме, било кој не- челен на оваа комисија да гласа за истата“, нагласи Антонио Милошоски, член на Анкетната комисија.

Продолжението на расправата за деловникот на Анкетната е в понеделник. Извештајот треба да биде подготвен до крајот на јануари.

 

Милчо Велески