Со средства од ЕБОР побрз раст на малите и средните фирми
Со дваесетина милиони евра, Европската банка за обнова и развој им помогна на седумдесетина мали и средни бизниси да ја подобрат конкурентноста, да ги зголемат приходите, бројот на работни места. Најголем дел компании од прехранбената и преработувачката индустрија. Досега ЕБОР во македонската економија има инвестирано милијарда ипол евра...

Малите и средни фирми најтешко доагаат до пари да шират бизнисот. Оттука, сите извори на финансии се од големо значење. Повеќе домашни фирми со пари од ЕБОР и од ЕУ ја зајакнаа конкуретноснота и отворија нови работни места. Средствата се користат за различни проекти.
„Во една мала средина направивме пречистителна станица, отпадните води од фабриката сега одат со најголем квалитет во реката Брегалница“, изјави претставник на компанијата „Фротирка“ од Делчево.
Македонија е една од најуспешните во спроведувањето на програмата. За пет години со 20 милиони евра се поддржани 74 компании, за 16 насто го зголемиле бројот на вработени.
„74 локални бизниси чиишто комбинирани приходи се еднакви на три насто од македонскиот БДП можат да го зголемат обртот и работната сила за да станат поконкурентни, особено на меѓународно ниво“, изјави Анка Јоана Јонеску, претставник на ЕБОР за Македонија.
Иако земјата има развиен и ликвиден банкарски систем, тој недоволно ги поддржува малите и средни фирми - велат од ЕУ. Европската унија креираше повеќе програми за олеснување на пристапот до финансирање.
„Интервенцијата од Европската унија обезбеди додадена вредност, со дополнување на финансиските ресурси достапни на национално ниво и мобилизирање на дополнителните финансиски средства“, изјави Мартин Клауке, раководител на Секретаријатот на кооперација, од Делегацијана на ЕУ.
Малите и средните претпријатија се движечка сила на економскиот раст во земјава, а оваа програма е во линија на политиките на Владата.
„Повеќе од 2,7 милиони евра се неповратни средства грантови кои на самите компании им помогнаа да ги унапредат условите за безбедност, да ја подобрат енергетската ефикасност, да ја унапредат грижата кон животната средина“, вели Ромела Поповиќ Трајковска, раководител на Сектор за економски прашања, структурни реформии и инвестиции.
Најголем дел компаниите кои се поддржани од овој проект се од прехранбената и преработувачката индустрија, за метал, стакло, пластика и хартија.
Андријана Атанасовска
