Немири во Киев

20.01.2014 12:40

Расте тензијата во Киев. Продолжуваат антивладините демонстрации и покрај забраната за јавни собири.

Киев

Расте тензијата во Киев. Продолжуваат антивладините демонстрации и покрај забраната за јавни собири. Четворица демонстранти се приведени, а над 70 се повредени, меѓу нив има и припадници на силите за безбедност. Демонстрантите ги запалиле речиси сите полициски возила и камиони што биле поставени пред зградите на Парламентот и на Владата.  Полицијата се обидела да ја спречи  разгневената толпа која се обидела да ја блокира работата на Врховната Рада и да ги укинат законите донесени на 16-ти јануари. САД се загрижени за состојбата во земјата и повикаа на смирување на ситуацијата.

Њујорк

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун го поканил Иран да учествува на мировните преговори за Сирија в петок во швајцарскиот град Монтре, иако сириската опозиција најави дека нема да учествува ако биде поканет Иран.  Техеран ќе има позитивна и конструктивна улога во разговорите и тој е меѓу десетте држави кои дополнително се поканети на мировните преговори, додаде Бан Ки Мун. Потпаролката на Стејт департментот ја повика Сирија да формира преодна Влада.  

Пакистан

Најмалку десет лица загинале, а 15 се повредени при  експлозија на бомба во пакистанскиот град Равалпинди, откако бомбаш-самоубиец го активирал експлозивот во област во која има голем број воени објекти. Се уште никој не ја презел одговорноста за нападот, кој се случува само еден ден по убиството на 20 војници во северозападниот дел на земјата.  

Нов Зеланд

Земјотрес со интензитет од 6.3 степени по Рихтер го погоди Нов Зеланд. Епицентарот бил на 115 километри јужно од Велингтон. Нема податоци за жртви. Направена е материјална штета и железничкиот сообраќај е во прекин.

Рио де Жанеиро

Почна карневалската треска во Рио де Жанеиро. Граѓаните активно се подготвуваат за карневалот кој традиционало се одржува секоја година.  Членовите на клубот „Кубанго“ се едни од 27 –те групи што ќе учествуваат на годинашниот натпревар за најдобра самба.

 

Марија Петковска