Компании: Побрз развој со помош на странски експерти
Фирмите кои користеле совети од странски експерти велат го подобриле производствениот процес, маркетингот, конкурентноста на пазарите. Расте интересот за ангажман на вакви професионалци. Нови странски консултанти ангажирани од владата доаѓаат во Македонија да го зајакнат бизнисот на домашните компании...

Странските експерти се од голема помош за домашните компании. Нивното знаење им помогнало на малите и средните претпријатија да ги зајакнат конкурентоста и производството, но и да го прошират и унапредат својот бизнис. Дел од успешната приказна е и компанијата „Дуна компјутери“ . Во изминатите 20 дена добиле стручна помош од експерт од Швајцарија. Менаџерите велат дека бенефитот од владиниот проект е огромен, а компанијата ги остварила зацртаните цели.
Маријане Пајер е експерт од областа на информатичката технологија. Таа три недели е во компанијата. Заедно со вработените посебно внимание вложиле во функционирањето на маркетингот, програмерите, бизнис-аналитичарите, а тоа за кратко време дало огромни резултати, вели Пајер.
Интересот за странските експерти е огромен. Преку 170 компании пројавиле интерес за владиниот проект, за да учат од професионалции и да вметнат нови начини на работа.
Овој проект се реализира трета година по ред. Државата и натаму ќе продолжи со негова реализација затоа што странските експерти воведуваат нови техники и искуства во работата на компаниите. Од Владата апелираат – сите заинтересирани да аплицираат и да го унапредат својот бизнис.
Викторија Милевска
