Maкедонија - четврта најмалку задолжена земја во Европа

27.11.2015 16:23

Од Владата велат дека Македонија како мала економија настојува да не биде високо задолжена и да остане во зоната на ниско до умерено ниво на задолженост, истовремено реализирајќи бројни капитални инфраструктурни проекти...

Maкедонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа. Според последните податоци на Еуростат, земјава во третиот квартал од 2015 година имала државен долг од 36% од БДП. Помалку задолжени од Македонија се Естонија, Луксембург и Бугарија. Македонија четвртото место го дели со Латвија. Бројките се показател за успешноста на економските политики и потврда дека Владата одговорно се однесува кон идните генерации вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски.

„36 проценти е државниот долг, 43, 9 проценти е јавниот долг и тие податоци кај сите инвеститори и кај сите меѓународни институции наидуваат на одобрување, конкретно дека Македонија одржува здрави економски политики и дека перспективата на Македонија во тој дел е многу подобра отколку земјите во Европа кои влегоа во должничка криза“, изјави Зоран Ставрески, вицеперемиер и министер за финансии.

Нискиот долг Македонија успеа да го одржи во услови на глобална економска и должничка криза, но и во време на капитални инвестции во инфраструктурата вели Ставрески.

„Нашите политики ќе бидат во иста насока да одржиме ниско ниво на задолженост и да реализираме што поголем број на проекти“, нагласува Ставрески.

Според Еуростат на крајот на 2014 државниот долг на Македонија изнесувал 38,2% и е намален за 2,2 процентни поени. Европската статистичка служба ги анализира податоците од над 30 земји од Европа. Според нив, најголем долг имаат Португалија (128,70%), Италија (136%) и Грција (167,80%).

 

Сунчица Николоска