Мигранти: Состојбата на границата стабилна, Грција не се придржува до договорот

27.11.2015 16:43

МВР информира дека состојбата на јужната и северната граница е стабилна. На грчката страна има околу 1.000 економски мигранти. „Фајненшл тајмс“ анализира - Грција не се придржува до договорот, им дозволува на мигрантите да го продолжат патувањето, за да се претворат во проблем на некој друг...

Состојбата на јужната и северната граница е стабилна, информираат од МВР. На Табановце и во Гевгелија нема задржувања. Се пропуштаат само државјаните кои доаѓаат од Сирија, Авганистан и Ирак. На грчката страна има околу 1.000 економски мигранти на кои не им е дозволен влез. Тие доаѓаат од Пакистан, Сомалија, Мароко и други африкански држави што покажува дека Грција не се придржува кон договорот - да се пропуштаат оние кои доаѓаат од земјите во кои има воени дејствија.

Угледниот „Фајненшел тајмс“ во текстот за 4-те сценарија за можно распаѓање на Шенгенот, објавува:

„Грција е ахиловата пета на ЕУ. Затоа Брисел ќе и се закани на Атина со исклучување  од Шенгенот за да ја убеди да ги преземе одговорностите и да побара итна асистенција од европската гранична агенција, Фронтекс.“

Во моментов Грција го одбива тоа, пишува весникот. Европски дипломати ја обвинуваат за неодговорност поради непримена на европските правила со што создава зона за мигрантите кон другата територија на Унијата.

„Грција е најголема причина за мигрантите и најмалку способна земја во Унијата. Нејзиниот неуспех да ги затвори границите или да спроведе барања за азил ја прави најодговорна за судбината на мигрантите. Наместо тоа, Атина им дозволува да го продолжат патувањето натаму и да станат проблем на некој друг со што е загрозен Шенгенот“, пишува „Фајненшал тајмс“.

Според информациите од македонската полиција, мигрантите вчера кон униформираните лица фрлале со камења. Сакале насилно да влезат во земјава, но биле спречени.

И Унијата стравува од инциденти што ги предизвикуваат мигранти. Пред неколку месеци во Италија беше силувана активистка во азилскиот центар од тројца малолетни мигранти. Тоа се случувало и во Германија, објавија тамошните медиуми. Во Шведска, која важи за симбол на северноевропска мултикултура и покажала големо гостопримство кон бегалците, избиле немири  во кои биле запалени повеќе од стотина автомобили по што интервенирала полицијата.

 

Наташа Гркова- Петрушевска