Иванов на самит за климатски промени во Париз

30.11.2015 08:07

Како што соопштија од претседателскиот кабинет, Иванов ќе се обрати на главната сесија на лидерскиот сегмент на Самитот за климатски промени. Самитот ќе биде свечено отворен од претседателот на Франција, Франсоа Оланд и Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун...

Во француската метропола се одржува самитот на 195-те земји членки на Обединетите нации за климатските промени. На конференцијата ќе учествуваат околу 150 лидери, меѓу кои претседателите на САД, на Русија, на Кина, и на Индија.

Македонската делегација ја предводи шефот на државата Иванов, кој ќе се обрати на главната сесија. Целта на разговорите за климата, е да се ограничи глобалното затоплување на два целзиусови степена, можеби и помалку, во однос на нивоата пред индустриската револуција.

Република Македонија е потписник на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени, и на протоколот од Кјото. Околу 2 илјади и 800 полицајци и војници ќе го обезбедуваат местото на конференцијата, а уште 6.300 ќе бидат распоредени во Париз.

На речиси илјада луѓе, за кои се смета дека претставуваат ризик за безбедноста, им бил одбиен влезот во Франција, соопшти министерот за внатрешни работи.