„Ало докторе“: 1.303 повици за една седмица
Од 15 септември минатата година кога почна да работи линијата, досега, за медицински совет се јавиле 64.507 лица...

На телефонската линија за медицински совет „Ало докторе“ изминатата недела (од 23 ноември до 29 ноември) имало 1.303 повици, соопшти Здравствен дом Скопје.
Од 15 септември минатата година кога почна да работи линијата, досега, за медицински совет се јавиле 64.507 лица.
Линијата е достапна секој ден 24 часа со цел да се овозможи непосредна медицинска консултација во моментот на појава на различни симптоми на нарушување на здравјето.
Дваесет и пет доктори се достапни за медицински совет. Повиците се од граѓани од сите градови на Македонија.
Јавувањата се за широк спектар на најразлична симптоматологија, најчесто за главоболки, респираторни симптоми, зголемена телесна температура, за сезонски вируси, кашлици предизвикани од променливите временски услови т.е. од наглото опаѓање на температурите карактеристични за овој период од годината.
На сите оние лица кои побараа медицински совет на телефонската линија „Ало докторе“, информираат од Здравствен дом Скопје, им е дадена здравствена помош со совет и соодветна симптоматска терапија.
