Турција воведе ригорозен закон

20.01.2014 12:52

Во Турција стапи на сила контраверзниот закон според кој давањето прва помош е кривично дело.

Киев

Расте тензијата во Киев. Продолжуваат антивладините демонстрации и покрај забраната за јавни собири. Четворица демонстранти се приведени, а над 70 се повредени, меѓу нив има и припадници на силите за безбедност. Демонстрантите ги запалиле речиси сите полициски возила и камиони што биле поставени пред зградите на Парламентот и на Владата. „Состојбата ескалираше, веќе не можеме да кажеме дека протестите се мирни. Неколку возила се изгорени а има и многу повредени. Полицијата се обидува да ја смири состојбата и да не употребува сила„ вели офицер во министерство за внатрешни работи. САД се загрижени за состојбата во земјата и повикаа на смирување на ситуацијата.

Пакистан

Најмалку десет лица загинале, а 15 се повредени при  експлозија на бомба во пакистанскиот град Равалпинди, откако бомбаш-самоубиец го активирал експлозивот во област во која има голем број воени објекти. Се уште никој не ја презел одговорноста за нападот, кој се случува само еден ден по убиството на 20 војници во северозападниот дел на земјата.  

Кина

Кинеската економија во 2013 година оствари најнизок раст во последните 14 години. Според кинеските власти резултатите се подобри од предвидувањата. БДП во четвртиот квартал се зголемил за 7,7 насто што во споредба со третиот е пад за 0,1 насто. Според аналитичарите забавувањето на растот се должи на падот на побарувачката и инвестициите изминатата година.

Турција

Во Турција стапи на сила контраверзниот закон според кој давањето прва помош е кривично дело. Сите кои ќе го прекршат законот ќе се соочат со казна затвор во траење од три години или парична казна од 7 илјади евра.  Здруженијата за човекови права  жестоко се спротивставија и сметаат дека тоа ќе влијае на работата на медицинските лица. Донесувањето на таков закон со кој се криминализира давањето прва помош и се казнуваат оние кои се грижат за повредени демонстранти, е всушност дел од неуморно настојување на турската Влада да ги замолчи сите кои им се спротиставуваат, изјави Винсент Лакопино од Лекари без граници.

Нов Зеланд

Земјотрес со интензитет од 6.3 степени по Рихтер го погоди Нов Зеланд. Епицентарот бил на 115 километри јужно од Велингтон. Нема податоци за жртви. Направена е материјална штета и железничкиот сообраќај е во прекин. Зејотрес и во јужниот дел на Италија. Потресот ги вознемирил жителите на регионот. Нема податоци за жртви.


Марија Петковска