Ветото ги загрозува исплатите од буџетот
Со ветото за издавање на државните записи од дополнителниот заменик- министер за финансии, се доведува во прашање исплатата на платите, на пензиите, на социјалната помош и на реализацијата на капиталните инвестиции, велат од ресорот. Од СДСМ се децидни, со законското вето не се загрозува исплатата на платите и на пензиите. Државната изборна комисија денеска треба да се произнесе за ветото...

Укинувањето на издавањето на државни записи, значи и укинување на механизмите за нормално и непречено реализирање на буџетот. Ветото што СДСМ го употреби доведува во прашање исплатата на платите, на пензиите, воопшто на сите редовни исплати кои се вршат од буџетот како и реализацијата на капиталните проекти, вели вицепремиерот Ставрески. Издавањето на државните хартии од вредност е предвидено со Буџетот за 2015 година, со неговото попречување, вели Ставрески- се крши законот.
„Буџетот и финансирањето на буџетот е составен дел на носењето на буџетот, тој е донесен од Собранието на РМ уште минатата година и во него е предвидено и надворешното и внатрешното финансирање, коешто е предвидено и со одлука на Владата и ние сега остануваме во тие рамки кои с епредвидено со одлуката на Владата. Значи, едноставно во прашање е една политичка неодговорност, каде што се доведуваат во прашање основните функции на државата и сметам дека тоа не смее да се дозволи и дека ДИК ќе донесе правилна одлука“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Македонија според Евростат е четврта најниско задолжена земја во Европа- ова се аргументите, вели Ставрески. Покрај задолжувањето Македонија во истовреме се раздолжува. Акцизите и данокот на добивка се наплаќаат на 15-ти во месецот, а ДДВ на 25-ти. Законски пензиите и платите се исплаќаат до 15-ти во месецот. Државните записи имаат функција да обезбедат ликвидни средства. Така функционира буџетот кај сите земји, вели Ставрески.
„Евростат е најмеродавен и ги следи сите членки на ЕУ и земјите кандидати за ЕУ и тие рекоа Македонија е четврта најмалку задолжена. Зошто е тоа така и покрај постојаното повторување од СДСМ дека се задолжуваме многу, дека сме ја направиле земјата како Грција. Но, тие не кажуваат дека во исто време и се раздолжуваме. Тие го правеле истото како финансирање на буџет што сега ние го правевме и што го правевме низ годиниве. Но, сега затоа што го прави ВМРО-ДПМНЕ, тоа е неодговорно, политичка корупција и се друго. Кога тие го правеа истото беше нормален начин на финансирање. Впрочем, така се финансира и германската влада и Министерството за финасии и Италија и Србија и Бугарија и сите земји во Европа“, вели Ставрески.
Според Стварески, државни хартии од вредност се издаваат од 2004 година. Следната недела се предвидува продажба на државни записи во вредност од 100 милиони евра, истиот месец доспеваат за исплата стари записи во вредност од 84,6 милиони евра. Значи тоа не е ново задолжување, туку рефинансирање на веќе запишани хартии од вредност – вели Ставрески.
Дијана Ценевска
