Претседателот Ѓорге Иванов на лидерскиот самит на КОП21 во Париз
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денес учествува на отворањето на 21. Самит за климатски промени KOП21, што се одржува во Париз, од 30 ноември до 11 декември 2015 година. Како што јавува нашиот известувач од конференцијата, претседателот Иванов веќе имал билатерлана средба со германската канцеларка Ангела Меркел...

Париз, поточно неговото предградие Бурже, е престолнината на светот. 195 земји, 150 шефови на држави и влади, околу 24.000 учесници и 3.000 новинари се состанаа за да ја спасат планетата Земја. Меѓу нив се наоѓа и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој во текот на денот ќе се обрати на лидерскиот самит.
Главната сесија на лидерскиот сегмент на Самитот беше отворена нешто околу 11 часот, од страна на домаќинот, францускиот претседател Франсоа Оланд и Генералниот секретар на ОН, Бан Ки- Мун.
На Самитот за климатски промени, КОП21, се очекува за прв пат после 20 години преговори во ОН, да се усвои правно обврзувачки меѓународен договор за борба против климатските промени, чија цел e глобалното затоплување да не биде поголемо од 2°C. Барем засега експертските и минситерските преговори не успеаа да постигнат конечна согласност околу текстот, односно дали тој ќе биде обврзувачки.
Организаторот и домаќинот на самитот Франција, е во интензивни дипломатски активности за да ги убеди земјите учесници да постигнат договор, во тој контекст и синоќешната работна вечера меѓу претседателот Франсоа Оланд со претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг и со претседателот на САД, Барак Обама.
Република Македонија е земја-потписник на „Рамковната конвенција на ОН за климатски промени“ (UNFCCC) и на „Протоколот од Кјото“. Воедно, Република Македонија има пристапено кон „Записот од Копенхаген“ и доставено листа на неквантифицирани активности за ублажување на климатските промени.
За безбедноста на учесниците на самитот се грижат околу 15.600 полицајци и жандарми, од кои само во Париз 6.300. Самитот се одржува, само дваесетина дена по најстрашните атентати кои ја потресоа Франција и светот на 13 ноември, кога загинаа 130 лица, а беа ранети 350.
Во тој контекст, синоќа претседателите Обама и Оланд се поклонија пред концертната сала Батаклан, каде животите ги загубија 90 лица.
Паризјани денес ги испочитуваа повиците да не ги користат автомобилите и јавниот превоз, а се забранети сите јавни манифестации до 11 декември.
Тони Гламчевски, постојан дописник од Франција за МРТ
