Турција не се извинува, Русија не попушта

30.11.2015 15:16

Нема средба путин Ердоган во Париз. И натаму продолжуваат меѓусебните препукувања на релација Москва- Анкара за неодамнешниот инцидент со соборувањето на рускиот авион...

Турција пркоси и одбива да и се извини на Русија за соборувањето на рускиот авион. Од аеродромот во Анкара со воени почести во неговата земја беше испратено телото на загинатиот руски пилот, но тензијата меѓу двете земји не дава знаци на смирување, иако НАТО се обидува да ги смири двете страни среде сложената ситуација со руското присуство во Сирија.

„Турција ја плаќа цената за оваа криза и не може да биде обвинета за штитење на својот воздушен простор“, изјави Ахмед Давутоглу, премиер на Турција.

„НАТО силно ги поддржува обновените меѓународни напори за наоѓање политичко решение за сирискиот конфликт. Тоа е поитно од кога било“, нагласи Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Не попушта ни Путин - на самитот на ОН за климата во Париз ќе се сретне со Обама, но не и со Ердоган. Кон турско-рускиот спор се приклучи и грчкиот премиер Ципрас, кој на твитер го провоцираше својот турски колега. „За среќа нашите пилоти не се толку брзи како вашите против Русите“ – вели во еден од твитовите кои подоцна беа избришани од неговата твитер страница, на што Давутоглу му одговори – Алексис, да се фокусираме на позитивните планови.

Во меѓувреме на фронтот, војската на сирискиот претседател Асад го опколи градот Салма во Латакија, каде што беше соборен рускиот авион. Голем број терористи се убиени или се повлекле, уште 2.000 се во заседа, се вели во армиското соопштение. За да се спречи нивно прелевање преку Турција на запад, САД бараат Анкара да ги затвори преостанатите 90 километри од границата со Сирија.

Тоа би било силен удар на Исламска Држава, која низ тој премин во изминатите три години превела десетици илјади исламистички доброволци. Во Ирак, војската се подготвува за голема офанзива врз Рамади, заземен од ИДИЛ, а граѓаните се советувани да го напуштат градот.

 

Ивана Салтировска