Избрани најдобите училишни интернет- страници

30.11.2015 13:11

Најдобра и најкреативна интернет страница изработиле основците од кумановското училиште „Кочо Рацин“. Во категоријата за средни училишта пак, најуспешни се учениците од „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка. Наградата е интерактивна табла. На конкурсот пристигнале 17 апликации...

Основното училиште „Кочо Рацин“ од Куманово и средното „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка се првонаградени на јавниот повик на Министерството за образование и наука за најдобра училишна веб-страница во категориите за основни и за средни училишта.

Во потесен избор меѓу основните училишта беа и „Ванчо Прке“ од Штип и „Кирил и Методиј“ од Македонска Каменица, а во категоријата средни училишта - „Здравко Цветковски“ од Скопје и „Наум Наумовски-Борче“ од Крушево.

Првонаградените училишта во двете категории ќе добијат награда интерактивна табла, а за четирите училишта кои беа во најтесен избор  - пофалници за изразената креативност.

Наградите денеска ги соопшти заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој истакна дека целта на започнувањето на проектот за избор на најдобра училишна веб-страница минатата година е да се потикне креативноста и квалитетот во изработката на училишните веб-страници кои се алатка за информирање на учениците, родителите и наставниците.