Пензионерите со апел да не се проблематизира исплатата на пензиите
Ветото од Наумов ги вознемири пензионерите. Побараа да не се проблематизира исплатата за редовно да ги добијат парите. Вицепремиерот Ставрески побара разумно однесување од СДСМ, нивните чекори да не бидат на штета на стопанството и граѓаните...

Во Македонија има околу 300 илјади пензионери и тие досега во овие 9 години, земаат пензија редовно до 6-ти во месецот. Затоа од Сојузот на здруженијата на пензионерите апелираат политичките партии да ги надминат недоразбирањата и да не се загрози редовната и навремена исплата на пензиите. Сето ова се случи откако дополнителниот заменик- министер за финансии, Кире Наумов стави вето на висината и рочноста на најавената емисија државни записи.
„Оваа најава што дојде многу ги возбуди пензионерите, дека нема да ги се земат пензиите во тој период. Мојот став и ставот на Сојузот и на луѓето што ми се јавија денеска и реагираа е да нема пречка кога се во прашање пензиите. Затоа што од пензиите во Македонија живеат околу милион луѓе, две генерации секој пензионер има за издржување и тоа ќе биде голем проблем. Треба трезвено да се размислува, да се надминат сите политички пречки во врска со ова и пензионерите редовно да си ги добиваат своите пензии кои ги заработиле со труд“, изјави Драги Аргировски-претседател на Сојузот на Здруженија на пензионери на Македонија.
Владата е децидна, станува збор за редовно сервисирање на обврските за да се премостат временските јазови меѓу приливите на средства во буџетот и расходите кои се најголеми во почетокот на месецот, поради исплати на плати, пензии и социјални надоместоци. Додека уплатите на даноци се реализираат по 15-ти односно 25-ти во месецот.
„Јас би апелирал уште еднаш до сите политички партии, посебно до СДСМ за разумно однесување во склоп на ингеренциите што следат според законот и ингеренциите на дополнителните заменици министри да не се злоупотребуваат истите на штета на македонското стопанство и на македонските граѓани. Тие ингеренции се повзани со периодот на организација на избори и со прашања поврзани со организација на избори додека финансирањето на буџетот и издавањето домашни хартии од вредност е редовна активност која се применувала во сите изминати години, од 2004-та кога Владата на СДСМ ги воведе тие аукции, до ден денешен“, рече вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Станува збор за вообичаена процедура која ја користеле сите Влади досега, вели Ставрески, а редовното сервисирање на буџетот е загарантирано и е законска обврска. Ресорниот министер од собраниската говорница повика да преовлада разумот, а не тесните политички интереси.
Свето Николовски
