Мирно на јужната граница, нормално се одвива протокот на бегалци
Се контролира протокот на бегалци на јужната граница. Има дополнителна проверка на оние за кои постои сомнеж дека имаат фалсификувани документи. Во привремениот транзитен центар во Гевгелија се работи на подобрување на условите за зимската сезона...

Состојбата на јужната граница е стабилна. Строго се контролира протокот на бегалците кон пунктовите за регистрација. Дополнителна проверка им се прави на оние за кои постои сомнеж дека имаат фалсификувани документи. Надлежните велат дека ги добивале во Грција. На бегалците им се дели храна, а добиваат и медицинска помош. Велат дека се задоволни од третманот овде.
„Јас сум од Авганистан и сакам да одам за Германија. Земјата не е сигурна поради акциите на талибанците и Исламска држава. Го убија брат ми“, вели бегалец од Авганистан.
„Од Ирак сум и одам за Германија. Дојдов овде поради мирот. Цел живот сум во војна. Се надевам на подобро“, вели бегалец од Ирак.
Во привремениот транзитен центар во Гевгелија се работи на подобрување на условите за зимската сезона. Привремениот транзитен центар го посетија македонскиот и австрискиот народен правобранител. Порачаа да продолжи соработката меѓу институциите, но и со соседството за поуспешно справување со кризата.
Препораката е да има поголемо присуство на претставници од министерството за труд и социјална политика за помош на децата кои транзитираат низ центарот.
Наташа Гркова- Петрушевска
