Иванов на КОП21: Досегашната декларативност да биде преточена во конкретни мерки
Повикувајќи на здружување во напорите за климатски договор, како што сме здружени и во борбата против тероризмот, претседателот Иванов, потсети дека Република Македонија веќе ги има утврдено националните придонеси кон климатските промени...

За претседателот Иванов, тука, во Париз треба конечно да се затвори кругот на одговорност. Но, за да го направиме тоа неопходна е подлабока промена, рече тој при обраќањето на лидерскиот самит посветен на климата КОП 21.
„Очекуваме сета досегашна декларативност да биде преточена во конкретни мерки за акција. Очекуваме, краткорочните, да ги замениме со долгорочни решенија. Културата на расфрлање да ја замениме со култура на одржливост. Себичните интереси да ги замениме со интересите на човештвото. Површната реторика да ја замениме со конкретни дела. И тоа не заради нас, туку заради нашето потомство“, рече во својот говор претседателот Иванов.
Повикувајќи на здружување во напорите за климатски договор, како што сме здружени и во борбата против тероризмот, претседателот Иванов, притоа потсети дека Република Македонија веќе ги има утврдено националните придонеси кон климатските промени.
„Нашиот став е јасен. Се залагаме за усвојување на меѓународен, научно издржан и правно обврзувачки климатски договор што ќе биде амбициозен и применлив за сите земји. Овој сеопфатен договор треба да содржи конкретни чекори за ублажување и адаптација кон климатските промени, за финансирање, јакнење на капацитетите и трансфер на технологии. Треба да содржи начин на спроведување и транспарентност на активностите и поддршка. Во рамките на нашите можности ќе се придржуваме кон таков климатски договор. Тоа е наш став и како претседавач со Централно европската иницијатива“, нагласи претседателот Иванов.
Иванов, исто како и другите 150 шефови на држави и влади, учеството на конференцијата го искористи за билатерални средби.
Така тој имаше средба со претседателот на САД Барак Обама, со кој разговарале за интеграциите на Република Македонија во НАТО. Притоа му порачал на Обама дека Македонија треба веднаш да стане членка на НАТО.
На средбата со германската канцеларка Ангела Меркел, биле разменети мислења за актуелната мигрантска криза, безбедносните предизвици и состоjбата со европската интеграциjа на Македониja.
Иванов укажал дека Македониja инсистира на мисиja на Фронтекс на jужната граница.
Притоа тој подвлекол дека е нужно Македониja конечно да започне со преговори и акцентираше дека кризата jacно укажува дека земjите од Западниот Балкан требаше одамна целосно да бидат интегрирани во ЕУ.
На средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас, двајцата се согласиле дека е неопходно продолжување на дијалогот помеѓу двете земји на сите теми, а посебно за двете клучни прашања – мигрантската крза и мерките за градење на доверба.
Претходно претседателот Иванов, оствари среди и со претседателите на Србија, Црна Гора, Албанија и Австрија, Јужна Африка и претседателот на Турција Ердоган.
Во однос на Конференцијата, францускиот претседател Франсоа Оланд ги повика светските лидери да пронајдат „обврзувачки договор“, наспроти позициите на САД кои не сакаат еден текст кој е правно обврзувачки.
Американскиот претседател Барак Обама, од своја страна ги повика лидерите од целиот свет „да бидат на висината“ на влоговите кои ги поставува затоплувањето на климата на нашата планета, оценувајќи дека нема конфликт меѓу развојот и заштитата на природата.
Македонските граѓани стануваат се посвесни за последиците од климатските промени, според последната анкета на ИРИ над 70% се изјаснија овој проблем да биде дел од националната политика на државата.
По страшните атентати во Париз, за безбедноста на акредитираните 3.000 новинари и околу 24.000 учесници на конференцијата се грижат на 15.000 припадници на француските безбедносни сили.
Тони Гламчевски, постојан дописник од Франција за МРТ
