Светот ќе се соочи со повисоки цени на нафта и недостиг на енергија

01.12.2015 10:22

Светот во наредните децении ќе се соочи со повисоки цена на нафтата и недостиг на енергија во сиромашните и во земјите во развој во Азија и во Африка. Иако опаѓа користењето на јаглен и загадувањето, сепак државите мора веднаш да реагираат за да се спречат катастрофалните климатски промени, оцени извршиот директор на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол во Вашингтон.

Се намалува користењето на енергија од јаглен во светот. До 2040-та година, најмногу енергија ќе се добива од нафта, природен гас, нуклеарни централи и обновливи извори на енергија од вода, ветер и сонце. Немирите во Ирак, Сирија и регионот ќе влијаат на зголемувањето на цената на нафтата, предвидува новиот извршен директор на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол.

„Констатиравме дека се зголемува ефикасноста на користењето  нафта и природен гас, но бидејќи нафтата се произведува во конфликтни региони растат трошоците за екплоатирање. Ова е една од причините поради која очекуваме нејзината цена да се зголемува во наредните години“, изајви Фатих Бирол, извршен директор на Меѓународната агенција за енергија.

Побарувачката за енергија во светот ќе расте во наредните години поради зголемувањето на производството во Кина, Индија, Африка и во Азија, кои ќе бидат најголемите потрошувачи на енергија.

„Очекуваме трошоците за соларна енергија и енергија од ветер, како и цените на енергетски штедливи апарати и автомобили да се намалуваат бидејќи се користи понапредна технологија за нивно производство“, вели Бирол.

Првиот човек на Меѓународната агенција за енергија прогнозира дека иако се бараат нови чисти извори, сепак во наредните децении нафтата и натаму ќе биде најкористениот извор на енергија во Европа, Африка и во Америка, а природниот гас во Азија.

Проценките на Меѓународната агенција за енергија се дека земјите во наредните децении ќе ја зголемуваат енергетската ефиканост како начин на заштеда на енергијата.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ