Ванхауте со конкретен предлог, можен е договор во наредните денови
Пред новинарите и медиумските работници презентираше предлог на Меѓународната заедница за измени за Законот за аудио и аудиовизуелни услуги. Во документот стои дека е неопходна деполитизација на Агенцијата за медиуми...
![](https://mrt.com.mk/sites/default/files/vanhaute%202.jpg)
Разговорите за реформи во медиумите одат бавно, но можен е договор во наредните денови, оценува посредникот Питер Ванхауте. Пред новинарите и медиумските работници презентираше предлог на Меѓународната заедница за измени за Законот за аудио и аудиовизуелни услуги. Во документот стои дека е неопходна деполитизација на Агенцијата за медиуми.
Во однос на прекршувањата од страна на медиумите, предлогот на Ванхауте опфаќа дијалог со претставници на медиумиот, доколку не биде надминато прекршувањето - предупредување, и дури откако ќе се исцрпат овие две можности- казна.
Во однос на комерцијалните медиуми, предлогот е да не се определува каква програма ќе емитуваат, како и колку вработени ќе имаат, со каква техника да располагаат.
Во однос на јавниот сервис, како што кажа Ванхауте, членовите на Програмскиот совет на МРТ да се бираат на приближно ист начин како и членовите на Советот на Агенцијата за медиуми, дополнително членовите да бидат поддржани и од организации од културата.
Финансирањето да биде еднакво на еден процент од годишниот буџет на државата, а јавниот сервис да има целосна независност во однос на трошењето на овие средства. Ванхауте рече дека бил изненаден од податокот дека просечната возраст на вработените во МРТ е 58 години и смета дека кадарот треба да се дополни со помлад кадар.
МРТ, како што предложи, да изработи петгодишна стратегија за работа која би вклучувала дел кој би се однесувал на човечките ресурси, реновирање и одржување на зградата, нова опрема, понатамошна дигитализација, реструктирање на тв каналите и друго.
Зборуваше и за владиното рекламирање. Смета дека кампањи од јавен интерес треба да се емитуваат бесплатно и на јавниот сервис и на комерцијалните медиуми. Намалување на данокот на додадена вредност од 18 на 5 насто за медиумите.
СДСМ останува на своите предлози за медиумската сфера. Велат дека се во согласност со европските правила. ВМРО ДПМНЕ со став – тоа што го нуди опозицијата е неприфатливо и претставува уназадување за половина век.