Доделени уште шест нови национални пензии
Националната пензија е потврда за грижата за уметничките вредности на делата создавани од македонските културни творци, кои овозможија нашата земја да биде дел од светската културна ризница...

Врачени се шест нови национални пензии на поединци што придонеле за развојот на македонската култура. Максималниот износ е 35.000 денари, а се надополнува на износот на нивната пензија. Националната пензија е потврда за грижата за уметничките вредности на делата создавани од македонските културни творци, кои овозможија нашата земја да биде дел од светската културна ризница.
Во новата група корисници на национална пензија се: актерката Мајда Тушар; писателот за деца Фејзи Бојку; Костадин Костадиновски, музиколог и композитор; Васил Тоциновски, писател, есеист, критичар, книжевен историчар и преведувач; Доне Милјановски, академски ликовен уметник и фолклористот Димитар Узунски, раководител на Фолклорната група „Копачка“ од делчевското село Драмче.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на врачувањето на решенијата рече дека добитниците се истакнати поединци кои значајно придонеле во уметноста и културата на Република Македонија.
Сите добитници на националната пензија заклучно со ноември годинава се 61 носител.
