Потпишан договор со „Монтанте“, во јануари ќе почне изградба на фабриката
Италијанската компанија за производство на механички делови ја официјализира инвестицијата. Ќе вложи 10 милиони евра, за почеток ќе вработи 100-тина. Халите во Бунарџик треба да бидат готови до јуни идната година...

Италијанската „Монтанте Груп“ го официјализираше влезот во Бунарџик. На околу 49.000 метри квадратни ќе инвестира 10 милиони евра. Во првата фаза ќе се вработат 100 луѓе. Компанијата ќе произведува високо софистицирани производи. Се очекува годишниот извоз да надмине 30 милиони евра. Државната помош е добредојдена, вели Монтанте но многу повеќе значат добрите услови за бизнис и мрежата на компании во зоните, што беше причина поради која конечната одлука беше да инвестираме во Македонија.
„Бевме на чекор во правење на инвестиција во една друга држава, но благодарение на Дирекцијата на ТИРЗ и атрактивноста што ни ја понудија тука, се решивме да дојдеме во Македонија“, изјави Антонио Монтанте, претседател на компанијата.
Во следните месеци се очекува изградбата на халите, за кој период и ќе се изврши обука на кадарот. Фабриката во ТИРЗ Скопје 1- „Јуроп шок абсорвес“ ќе произведува амортизери за возови и шински возила. Според првиот човек на зоните, високата технологија ќе се пренесе и во земјава.
„Во првата фаза се предвидува да бидат инветирани 10 милиони евра и во компанијата да се вработат 100 луѓе, а во наредните фази нивниот број да се зголеми на 350 до 400. Компанијата ќе произведува софистициран производ од најновата и најнапредната технологија“, рече директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.
Италијанската компанија „Монтанте Груп“ кон крајот на јули минатата година ја најави инвестицијата. Монтанте груп е мултинационална италијанска компанија со 2.300 вработени и годишен обрт од 800 милиони евра.
Дијана Ценевска
