Иванов до Обама: Македонија да го добие заслуженото место во НАТО
Иванов побарал од Обама, Македонија да го добие заслуженото место во НАТО. Меркел со признание за земјава кога станува збор за справувањето со мигрантската криза...
Неправедно е Македонија се уште да има непроменет статус во НАТО интеграциите. Шефот на државата во разговорот кој го водел со неговиот американски колега во Париз на самитот за климатските промени, побарал земјава да го добие заслуженото место во Алијансата. Според него, не променетата позиција за ова важно прашање прави само проблеми.
„Веќе го почнуваме 17-тиот акционен план за членство и стоиме во место, имаме статус кво во однос на нашите НАТО интеграции“, изајви претседателот Иванов.
Македонија е една од ретките земји кои успешно се справуваат со најголемиот светски предизвик во моментот-бегалската криза. Вакво признание добил Иванов од германската канцеларка Меркел од која побарал точно прецизирање на мерките за поделба на мигрантите и бегалците.
„Овие процеси што се почнати со бегалската криза доведоа коридорите на бегалците да ги користат и мигрантите од Африка, од Азија и тоа е една река која тече. Затоа мора да се преземат мерки за да се разликуваат тие што бегаат од боиштата, пред се луѓето од Сирија и од Авганистан, од оние кои се економски мигранти и кои се во потрага по среќа“, нагласи шефот на државата.
Претседателот Иванов пред присутните лидери на самитот во Париз, климатските проблеми ги нарече проблем на цивилизацијата. Според него, ние сме можеби првата генерација кои се жртви на климатските проблеми, но последна генерација која мора да преземе сериозни чекори.
Катерина Топалова