Заев: Медиумите се наши политички непријатели
Најгледаните телевизии и најтиражниот дневен весник се политички непријатели на СДСМ изјави денеска опозицискиот лидер. Ваквата закана и отворен притисок кон медиумите вклучително и кон јавниот сервис, предизвикаа остри реакции во фелата. Уредниците пишаа писмо до сртанските амбасадори, новинарското здружение МАН побара Социјаделмократите да се оградат од изјавата на Заев во која тој ги прогласи за непријатели. Се бара прекин на преговорите дури Заев е на лидерското столче во СДСМ...
Отворен напад на лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев кон највлијателните медиуми во земјава, меѓу нив и јавниот сервис, Македонската радио телевизија. Партијата што ја предводи, а која декларативно се бори за слободни и професионални медиуми, подолг период врши отворен притисок врз новинарите кои не работат по партиска директива. Денеска Заев директно ги посочи најгледаните телевизии и највлијателниот дневен весник како најголеми политички непријатели на опозицијата.
„Во моментов став на СДСМ и мој личен став е дека поголем политички непријател за нас како опозиција се медиумите како што се Сител, Канал 5, Алфа, Дневник и Македонската Радио Телевизија. Вие не сте наши политички непријатели, вие сте медиуми кои што меѓу другото се финансирате и дел од пари на граѓаните.Тоа се и мои пари и ваши пари и на опозиционери и на поддржувачи на власта. Се бориме за независни медиуми“, изјави Заев.
Остро реагираше владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата побараа, СДСМ и нејзиниот лидер да ги остават медиумите и да престанат со закани кон секој што не ја споделува нивната деструктивност. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека го осудуваат обидот на Заев и СДСМ да ја укинат слободата на говор.
„Мултимилионерот Заев и СДСМ денес ги открија намерите зад тоталитарниот предлог на Законот за медиуми. За Заев и СДСМ медиумите биле нивни непријатели и затоа партијата одлучила дека треба да се пресмета со нив. Ова однесување на СДСМ и Зоран Заев е срамно, крајно недолично, недемократско, спротивно на сите европски стандарди и конвенции за слобода на изразување и слобода на информирање“, изјави Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Со силна реакција се јавија главните уредници на медиумите кои Заев ги смета за непријатели. Уредниците на телевизиите Алфа, Сител, Канал 5, МТВ и весникот Дневник се згрозени од изјавата на лидерот на СДСМ. Во нивното писмено барање до странските амбасадори вклучени во преговарачкиот процес инсистираат на итна средба на која ќе ги изнесат ставовите за грубиот напад и навреда која доаѓа од СДСМ.
„Бараме императивно да прекинат преговорите за Законот за медиуми се додека актуелната владеачка гарнитура во редовите на СДСМ ја врши оваа функција“, пишува во барањето на уредниците.
Македонската асоцијација на новинари, МАН најостро ја осудува заканата на Заев кон медиумите. Асоцијацијата бара бара од СДСМ сериозно да ги преиспита изјавите и постаките на својот претседател:
„Човекот кој бизнисот го претвори во рекет и корупција, политиката во лузерство, сега е во војна со медиумите и тоа отворено го признава. Бараме СДСМ да се огради од изјава на Заев и да започне постапка за негова смена. Доколку не го сторат тоа- освен бојкот на изборните активности, ќе ги повикуваме нашите членки да ја бојкотираат работата на СДСМ целосно.“
МАН бара од медиумите, посредникот Питер Ванхауте и ВМРО-ДПМНЕ веднаш и неодложно да ги напуштат политичките преговори за медиумите, бидејќи тоа е кроење на закони (според изјавата на Заев) со неговиот политички непријател. Го повикаа членството да не ги покриваат престојните вонредни избори, доколку продолжи ваквиот однос на опозицијата со директни закани, уцени и обид за замолчување.
Миле Ристески