ХИВ/СИДА: Рано откривање за поефикасно лекување
Со ХИВ вирусот во земјава живеат 160 граѓани, речиси 80 проценти од нив примаат терапија. Лекарите велат, раното откривање на инфекцијата е значајно, бидејќи ефикасноста во лекувањето е поголема...

Годинава дваесет и осум граѓани во земјава се заразиле со ХИВ. Петмина се со СИДА, едно лице починало. Најголем број од новозаболените се мажи, а вирусот го добиле преку хомосексуален однос. Станува збор за млади лица. Со ХИВ вирусот во земјава живеат 160 граѓани, речиси 80 проценти од нив примаат терапија. Лекарите велат, раното откривање на инфекцијата е значајно, бидејќи ефикасноста во лекувањето е поголема.
„Денеска кога се користи високо активна антиретровирусна терапија, која ја има и во Република Македонија можам да кажам дека должината на животот на лиѓето со ХИВ инфекција се изедначува со должината на животот кај лицата кои воопшто немаат ХИВ позитивен статус“, вели д-р Ѕвонко Миленковиќ- национален координатор за ХИВ/СИДА во Македонија.
Идната година преку програмата на Министерството за здравство, за превенција на ХИВ и СИДА ќе бидат одвоени 45 милиони денари, двојно повеќе од оваа година. Со овие пари ќе се набават антиретровирусна терапија и тестови, ќе се користат и за едукација на населението.
„Само еден незаштитен сексуален однос доведува до ХИВ инфекција. Ќе работиме на превенција и во иднина, но и на навремено и соодветно лекување. Тоа спречува инфекција на други лица и го продолжува животот на заболениот“, изјави Јованка Костовска, министерство за здравство.
Се смета дека во светот 137 милиони луѓе живеат со ХИВ вирусот. Само лани во Европа регистрирани се 142 илјади новозаразени.
Андријана Атанасовска