Ако се дејствува денес, глобалното затоплување ќе се ограничи на 2 степени!
Сега е крајно време за усвојување на глобална програма за намалување на загадувањето на планетата. На конференцијата во Париз, американските претставници иницирале усвојување на национални програми за намалување на загадувањето и вложување во чисти извори на енергија. Приватниот сектор е вклучен со иницијатива за развој на нови технологии. Според научниците, ако се дејствува денес, глобалното затоплување на планетава ќе се ограничи на 2 степени.

Две третини од загадувањето на планетава доаѓа од горивата. За постигнување на целта за глобално затоплување од најмногу 2 степени, клучно е сите земји во светот да усвојат Национални програми на мерки за намалување на загадувањето и да користат чисти извори на енергија.
„Претседателот Обама, претседателот Оланд и премиерот на Индија Моди, заедно со претставници на 17 држави најавија иницијатива, со која се заложија двојно да го зголемат буџетот и потребните средства за истражување на чисти извори на енергија и развој. Потребни се не само повеќе инструменти за намалување на јаглерод диоксидот, туку и во иднина да се развива енергетскиот сектор што помалку загадува. За ова ќе биде многу важно да се развиваат нови технологии“, изајви Џонатан Елкаинд, заменик секретар за меѓународни прашања во Департмент за енергија.
27 приватни компании од 10 држави предводени од американскиот мултимилијардер Бил Гејтс формираа Коалиција за развој на напредни чисти извори на енергија, која ќе финансира истражувања на нови технологии.
„Со години, Меѓународната агенција за енергија работи со околу 6.000 научници и експерти на развивање на нови енергетски чисти технологии. Сега е наименуван нов извршен директор кој ќе го надледува ова истражување на решенија за почиста енергија и енергетска ефикасност“, изјави Мери Бурс Ворлик, заменик секретар за енергетски извори во Стејт Департмент.
За зголемување на земјите што придонесуваат за намалување на загадувањето во светот, Меѓународната агенција за енергија на последната министерска конференција донесе одлука за прием на нови земји членки.
По Кјото и Копенгахен, на конференцијата на ОН за климатски промени во Париз учествуваат над 750 претставници на над 150 држави во светот.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
