„Ден на дрвото“ во Ѓорче Петров
Денес во општината Ѓорче Петров засадени се 20 садници Аризонски чемпрес, 3.000 садници Бел биор, 500 млади дрвца Јасен и 20 садници од листопадната Келереутерија...

Под мотото „За зелено Ѓорче- засади ја својата општина –есен 2015“ вработените од општината, ученици од деветолетките, наставници, активисти од невладини организации и пензионерите, денес во општината Ѓорче Петров засадија 20 садници Аризонски чемпрес, 3.000 садници Бел биор, 500 млади дрвца Јасен и 20 садници од листопадната Келереутерија.
Дел од новите садници беа распределени и во урбаните и месни заедници. Исто така дел од садниците беа поделени во училиштата, Домови за стари лица и Поликлиниката во општината.
Повеќе од сто дрвца (јасен) се засаден покрај брегот на реката Вардар и тоа на потегот од „Европската очна болница“ до стадионот „Македонски лавови“. Исто така и во општинскиот парк се засадени 50 нови садници на места каде што од тоа има реална потреба. Дел од садниците ќе бидат употребени за разеленување на локацијата „Црквиште“ над селото Кучково.
„Колку оваа акција ќе биде успешна зависи од нас самите. Ако ги чуваме и правилно ги одгледуваме новите садници истите за некоја година ќе не „наградат“ со почист воздух, поздрава и поубава околина за живеење. Затоа апелирам до своите сограѓани заедно да ги чуваме младите дрвца и да не дозволиме никакви вандалски однесувања затоа што чувај ќи ги дрвцата ќе добиеме непроценливо богатство кое во иднина за нашите деца ќе значи и поубав свет“, истакна градоначалникот Митровски пред почетокот на акцијата.
