Црна Гора доби покана за членство во НАТО, Москва ѝ се закани на Подгорица со економски санкции
16 години откако Алијансата ја бомбардираше Црна Гора, за време на војната во Косово додека се уште беше дел од Југославија, оваа историска одлука доаѓа во време на внатрешни поделби и тензии со Русија...

НАТО и упати покана на Црна Гора да стане 29-тата членка, во првото проширување после шест години. Генералниот секретар Столтенберг изјави дека одлуката на министрите за надворешни работи на Алијансата е историска.
„Црна Гора спроведе значајни реформи и покажа посветеност на нашите вредности и меѓународната безбедност. Членството ќе значи поголема безбедност и за Црна Гора и за НАТО“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
16 години откако Алијансата ја бомбардираше Црна Гора, за време на војната во Косово додека се уште беше дел од Југославија, оваа историска одлука доаѓа во време на внатрешни поделби и тензии со Русија откако НАТО ги прекина контактите со неа по анексијата на Крим. Москва го нарече погрешно и провокативно проширувањето и пораката за политика за отворени врати што Алијансата им ја упати на трите аспирантки за членство Македонија, БиХ и на Грузија.
„Вратата на НАТО е отворена, доказ е денешната одлука. Босна и Херцеговина, Грузија и БЈР Македонија напредуваат кон членството во НАТО. Ние остануваме посветени на аспирациите за членство на овие земји и ќе направиме се што можеме за да им помогнеме да ги постигнат целите, оценувајќи ја секоја според сопствената заслуга“, нагласи Столтенберг.
Не задоцни реакцијата од Русија, која има имот и инвестиции во Црна Гора. Москва и се закани на Подгорица со економски санкции и дека ќе ги запре сите заеднички проекти, вклучувајќи ги и тие на воен план. Постојаната експанзија на НАТО на исток ќе доведе до мерки за одмазда од страна на Русија, изјави портпаролот на Путин. Како главен аргумент Кремљ ја користи внатрешната поделба и протестите против владата премиерот Ѓукановиќ, на кои дел од населението што чувствува силни врски со Русија бараше референдум за пристапувањето кон Алијансата. Првите негативни реакции од Белград пристигнуваат од опозициската Социјалистичка народна партија која ја оцени одлуката на Подгорица како погрешна.
Според поддржувачите на пристапниот процес, Црна Гора ќе ги надмине подлабоките поделби и ќе се посвети на клучните проблеми – сиромаштијата, невработеноста, криминалот и корупцијата. Очекувањата се побезбеден и постабилен пазар за странски инвестиции и поголемо меѓународно влијание.
Критичарите предупредуваат на зголемен притисок врз новата членка за поактивно учество на нејзината војска што брои 2.000 луѓе на фронтот во Авганистан, а во иднина можеби и Сирија, како и зголемената опасност од тероризам што ја носи коалицијата. И дипломатите на НАТО укажуваат на резултатите од анкетите според кои јавното мислење во тесна маргина натежнува кон приклучувањето.
Ивана Салтировска