„Ден на дрвото“: Три милиони садници на повеќе од 100 локации
Во земјава од 2008 година се спроведува акцијата „Ден на дрвото, засади ја својата иднина“, овојпат под мотото „Засади успех“. На скопска Гази Баба засадени нови дрвца, дел од трите милиони што се планираат да се засадат денеска...

Три милиони садници на повеќе од 100 локации – во Македонија по 16-ти пат се одржува акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата идина“, годинава под мотото „Засади успех“. Ученици, граѓани, војници, дипломатскиот кор, властите се приклучија на акцијата.
„Учениците на симболичен начин, седејќи го дрвото ја садат својата иднина. Можам да кажам дека 99 проценти од овие дрва ќе бидат зафатени“, изајви градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски.
За 5 до 10 години, велат од Град Скопје, тука, во паркот на природата во Гази Баба ова ќе биде густа шума. И во населеното место Брњавци, граѓаните во текот на денот ќе засадат околу 40.000 садници.
„Граѓаните активно да се приклучат во оваа заедничка активност на засадување дрва, а воедно да упатам и апел во иднина заеднички да се грижиме за овие дрва, за заеднички да придонесеме за една почиста и поздрава животна средина“, изјави Тони Трајковски, градоначалник на општина Гази Баба.
Повеќе месеци по ред, како и лани, Скопје, Тетово и Битола се градовите со критично ниво на загаден воздух. Според надлежните огревното дрво е најголемата причина.
„Ситуацијата со Скопје и Тетово е резултат на комбинација од многу ефекти, не е тоа само ефект на индустријата. Во најголем дел станува збор за загревањето со огревни дрва, бидејќи таму концентрацијата на ПМ честичките е голема. Во однос на конкретниот случај за Југохром, роковите што ги има зададени владата течат, а таму подготвителните активности се во тек“, вели Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.
Според надлежните, акцијата е универзална и сенародна. И во неа треба да се вклучат сите граѓани без разлика на верска, полова, национална, политичка и социјална припадност.
Александра Перевска
