76 станови за семејства од социјален ризик во Прилеп
Конкурсот за становите ќе биде јавен, најави премиерот Никола Груевски, кој посочи дека владата ќе продолжи да гради вакви станбени објекти...

Пуштена во употреба зградата со 76 станови за семејства со социјален ризик, во прилепската населба Точила. Конкурсот за становите ќе биде јавен, најави премиерот Никола Груевски, кој посочи дека владата ќе продолжи да гради вакви станбени објекти.
„Оваа зграда која денеска ја пуштаме ќе им помогне на 76 семејства од Прилеп да го остварат својот сон да имаат свој дом и да бидат свои на своето. Покрај оваа зграда, досега во рамките на овој капитален проект изградивме згради во Скопје, Македонска Каменица, Охрид, Кочани, Кавадарци, Штип“, рече Груевски.
Тој истакна дека покрај грижата за социјалната категорија граѓани еден од најголемите приоритети на кои работи Владата е привлекување нови инвестиции и отворање нови работни места за граѓаните, а на тоа поле, додаде, постигнат е значаен напредок за Прилеп и околината.
Во рамки на денешната посета на општина Прилеп, предвидено е премиерот Груевски да присуствува и на одбележување на почетокот на изградбата на фабриката на компанијата „Гентерм“ во Технолошко индустриската развојна зона.
