Македонија- НАТО: Одлуката за членство да не биде политичка
Претседателот Ѓорге Иванов на црногорскиот колега Филип Вујановиќ му ја честиташе поканата од Алијансата. Сепак, македонскиот шеф на државата смета дека одлуката не смее да биде политичка и дека блокираниот прием создава фрустрации кај македонските граѓани. Министерот за одбрана Зоран Јолевски изјави дека Македонија продолжува со исполнување на програмата за членство во Алијансата...

Останува политиката на отворени врати на НАТО, но и цврстата посветеност на евроатлантските интеграции на Македонија. Министрите за надворешни работи на земјите- членки на Алијансата, потврдувајќи ја одлуката донесена на самитот во Букурешт во 2008-та, со став дека НАТО ќе испрати покана на Македонија за прием веднаш штом ќе се постигне заеднички прифатливо решение за прашањето за името, во рамките на Обединетите нации.
Црна Гора ќе биде 29-тата земја членка. Поканата добиена на северноатлантскиот совет. Македонскиот претседател Иванов во телефонскиот разговор му честитал на неговиот колега Вујановиќ за поканата. Шефот на државава потенцира дека Македонија одамна го заслуши членството- 16 акциски планови, активно учество во мировните операции, а и пресудата од Хашкиот суд е во наша полза.
„Поради блокадата од нашиот јужен сосед, сеуште сме во статус- кво состојба. За целата ситуација во изминатиот период информирав многу светски државници со кои остварив средби, на кои беше укажано на последиците од блокадите и статус- кво состојбата во која се наоѓа Македонија. Блокадите предизвикуваат фрустрации кај нашето население, но и кај целото општество. Имаме нова реалност која НАТО мора да ја има предвид кога ги носи своите одлуки. Не можеме се уште да опстојуваме на тоа дека станува збор за политичка одлука која е донесена на Самит, а имаме пресуда која треба да биде исполнета“, изјави претседателот Ѓорге Иванов.
Министерот за одбрана Јолевски смета дека земјите од Западен Балкан треба да бидат дел од Алијансата, што ќе биде и поголем гарант за безбедноста. Македонија останува посветена на реформите, вели првиот човек во одбраната,со надеж дека заслуженото ќе се валоризира.
„Собранието донесе одлука за нова ротација на припадници на АРМ во мировната мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан, со што покажуваме дека сме целосно посветени на овој процес. Сигурен сум дека поканата за Република Македонија ќе дојде наскоро. Ние интензивно на тоа работиме“, вели министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
Следниот самит на НАТО е во почетокот на јули идната година во Варшава. За нашиот прием, според заклучоците од Букурешкиот самит пред 7 години, одлука може да се донесе и на состанок на Северноатлантскиот совет.
Милчо Велески