„Гентерм“ гради фабрика во Прилеп, нови 2.000 вработувања
Во Прилеп ќе се произведуваат клима уреди и појаси за автомобили кои ќе се вградат во возилата на Бентли, Рено, БМВ, Порше, Фиат. Американската компанија „Гентерм“ почна да ја гради фабриката во слободната зона. 20 милионската инвестиција треба да отвори 2 илјади работни места...

Американски Гентерм ги интензивира активностите во зоната во Прилеп. Нови 2.000 директни вработувања, како и голем број индиректни вработувања преку можноста за соработка на локални компании, ќе овозможи отворањето на фабриката на Гентерм, инвестиција од 20 милиони евра. Процесот на преговори со компанијата започнал во 2014-та.
„Најважната причина да се решат за Македонија биле инвестициските можности кои им ги понуди Владата, како и достапноста до добро образована работна сила. Тоа е уште еден доказ дека инвестициските можности на државата се одлични и дека оваа Влада прави се што може да ги привлече инвеститорите да дојдат во Македонија, а резултатот е пред нас“, нагласи премиерот Груевски.
Потпретседателот на Гентерм, Јорк Еверст истакна дека при изборот на нови локации за ширење на својот бизнис разгледувале можности во Романија, Бугарија, Србија, Мароко и Унгарија, а причина за одлуката да инвестираат во Македонија биле квалификациите на луѓето што ги интервјуирале и професионалниот однос на претставниците на Владата на Македонија.
Првите 350 луѓе се веќе вработени и се на обука во фабриката на Гентерм во Украина. Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески истакна дека се очекува овој, прв инвеститор во ТИРЗ Прилеп, да почне со работа во март, а ќе произведува најсовремени компоненти за потребите на глобалните компании од автомобилската индустрија.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо истакна дека паралелно со изградбата на фабриката на Гентерм се привршува со изградба на ТИРЗ Прилеп.
Гентерм е глобална компанија за производство на делови за автомобилска индустрија и е присутна на три континенти со осум фабрики.
