Масакр во Калифорнија: 14 загинати, 17 повредени во нападот во Сан Бернардино
Оружен напад во Центар за лица со посебни потреби во Сан Бернардино во Калифорнија. Според последните податоци, загинале 14 лица, а 17 се повредени. Дел од нив се хоспитализирани. Полицијата идентификувала еден од напаѓачите, а се уште се утврдуваат причините за нападот...

14 загинати и 17 повредени е билансот од инцидентот во јужниот калифорниски град Сан Бернардино, откако тројца вооружени напаѓачи отвориле оган за време на прославата во Центарот за лица со посебни потреби.
Полицијата соопшти дека напаѓачите со црно возило избегале од местото на настанот, а во престрелката со силите за безбедност се убиени двајца. Третиот напаѓач е уапсен и е на распит во полиција.
„Според првичните информации, загинаа четирнаесет лица, уште толку се повредени, но се уште немаме сознанија која е причината за нападот и дали станува збор за терористички напад“, изјави Џерод Бргаин, шеф на полиција.
Полицијата ги идентификуваше 28-годишниот Саед Фарук и 27-годишната Тасфен Малик. Неофицијално, напаѓачите биле брачни партнери, а Фарук работел во институцијата каде што се случи инцидентот. Неговиот брат изјавил дека не знае зошто дошло до вооружениот напад и кои биле мотивите. Силите за безбедност соопштуваат дека напаѓачите биле вооружени со калашникови и на себе имале заштитни елеци. Без предупредување почнале да пукаат. Луѓето кои биле присутни за време на нападот сведочат за стравотните слики.
„Ми се јави сестра ми, и само ми рече дека е застрелана, јас бев на божиќна прослава и навистина не знаев што се случува“, изјави Стефани Болдвин, сестра на повредена.
Во истрагата бил користен робот за отстранување сомнителна направа, а веднаш се вклучиле и агенти на ФБИ. Федералната администрација за летови привремено ги забранила летовите над Сан Бернардино, а на граѓаните им било забрането да излегуваат од домовите. Сан Бернардино е град со 200.000 жители и се наоѓа на 100 километри источно од Лос Анџелес.
Марија Петковска
